Aug 13, 2023
Владата донесе одлука за распределба на средства за проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините во Македонија, со која средствата од заемот во износ од 50.000.000 евра, обезбедени од Европската инвестициона банка се распределуваат на општините, како неповратни/ грант средства.
Со одлуката на општина Дебрца се распределуваат вкупно 537.644 евра.
Одобрените средства општината ќе ги искористи за аплицираниот проект- изградба на секундарна/ улична канализациона мрежа во село Требеништа.
Aug 11, 2023
СКОПСКО во рамки на својата долгорочна платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“ постави пловни препреки на реките Сатеска и Даљан. Главна цел на платформата е заштита на животната средина со фокус на чистењето од отпад на националните обележја и намалувње на загадувањето. Двете реки се идентификувани како едни од поголемите загадувачи на езерото со пловен и пакувачки отпад и со овие препреки директно се адресира тој проблем.
„Благодарение на потрошувачите кои се вклучија во иницијативата за издвојување 1 денар од секое продадено стаклено шише со посебна етикета Скопско и Скопско Smooth, беа обезбедени средства за поставување на пловни препреки, акции за чистење на крајбрежјето и дното на Охридското Езеро и активности за подигнување на свесноста. Во фокусот на Скопско како бренд останува да ги инспирира луѓето да се обединат за подобра иднина, бидејќи заедно ја делиме одговорноста да го исчистиме и да го заштитиме од загадување она што е наша гордост – природните и културни обележја на нашата земја.“ – изјави Душан Митрев, генерален директор на Пивара Скопје, истакнувајќи дека овој проект е во согласност со заложбите на Пивара Скопје за одржливост и Свет без отпад до 2030 година, како и за намалување на ЦО2 емисиите на компанијата до 2040 година.
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска се осврна на партнерскиот однос на Министерството со севкупната бизнис заедница заради спроведување на зелената агенда и реализирање на заеднички иницијативи за заштита на животната средина. „Од огромна важност е соработката на институциите и компаниите во напорите за развивање на одржливо управување со отпад преку селекција, собирање и рециклирање на отпадот. Со воспоставување на солиден дијалог локалната власт, централната власт, бизнис заедницата, новинарите па и сите останати граѓани можеме да придонесеме за заштита на Охридското Езеро но и солидно управување со отпадот. Обединети, преку силни партнерства, можеме да обезбедиме одржлива иднина. Пивара Скопје е пример за општествено одговорна компанија со реални проекти кои прават видливи промени.“ – рече заменик министерката Оџаклиеска.
Пловните препреки на Сатеска и Даљан што ги поставија стручните тимови на Пакомак ќе функционираат како физичка бариера која го сопира пловниот и пакувачки отпад за да не заврши во Охридското Езеро. „Отпадот ќе се собира, селектира и рециклира што е еден од најлесно применливите модели од циркуларната економија кон која стремиме. Горди сме што сме дел од овој проект и што заедно со Пивара Скопје во континуитет работиме на ефикасни решенија за одржливост и зелена иднина.“, изјави Ико Брдароски, Менаџер за развој на бизнис и комуникации во Пакомак.
„Благодарен сум на Скопско за оваа иницијатива со која ќе се спречи огромни количини отпад од Сатеска и Даљан да завршат во Езерото. Општина Охрид активно работи на низа проекти и активности за заштита на Охридското Езеро и подготвени сме да поддржиме вакви и слични иницијативи и да соработуваме со сите затоа што заедничка одговорност е да го исчистиме, чуваме и заштитиме нашиот бисер.“ – изјави градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
„Воодушевен сум што Скопско ја препозна потребата за поставувањето на пловната препрека токму на сливот на Сатеска. Општина Дебрца останува посветена на заштита на Охридското Езеро и отворена за соработка на сите платформи со заедничка цел зачувување на природното богатство на нашиот крај.“ – рече на прес конференцијата Зоран Ногачески, градоначалник на Општина Дебрца.
Во досега реализираните активности се вклучија нуркачките клубови, волонтери, активисти од трите општини и многу заинтересирани граѓани кои заедно чистеа на повеќе локации во и околу езерото. Во изминатите неколку недели се организираа акции за чистење во Охрид, Струга и Дебрца и на трите локации беа собрани 200 кеси со отпад.
Скопско во рамки на платформата „Наша гордост, наша одговорност.“ продолжува со кампања за подигнување на свесноста и упатува апел до сите да се вклучат во акциите што ќе следат и заедно да направиме позитивна промена. Повеќе информации и можност за пријавување за акциите за чистење може да се најдат на веб страната skopsko.mk.

Aug 11, 2023
Се одржа третата работилница посветена на тема: ЕКОСИСТЕМСКИ УСЛУГИ – СНАБДУВАЧКИ УСЛУГИ ОД БЕЛЧИШКО БЛАТО И НАЧИНИ ЗА НИВНА ПРОЦЕНКА. Работилницата ја отвори проектниот координатор Ѓоко Зороски, а по излагањата на проф. д-р Сашо Трајановски, биолог и Константин Здравески м-р по економски науки, беше отворена дискусија со претставници од Општина Дебрца и локални жители. Следуваат уште две работилници на кои крајно ќе се изврши идентификација на екосистемските услуги од Белчишко Блато (Сини Вирој) и процени нивната вредност.
Aug 9, 2023
На ден 10 август 2023 година во организација на Здружението за екологија и туризам “Екотуризам 2016” ќе се одржи работилница: ЕКОСИСТЕМСКИ УСЛУГИ – СНАБДУВАЧКИ УСЛУГИ ОД БЕЛЧИШКО БЛАТО И НАЧИНИ ЗА НИВНА ПРОЦЕНКА
Работилницата е во рамките на проектот „Екосистемски услуги од Белчишко Блато и еколошка едукација“ (Belchishta Wetland Ecosystem Services & Environmental Education (BW-ESEE)“, кој започна на 1 декември 2022 г. и ќе трае до 1 октомври 2023 г.
Целта на проектот е да ги идентификува најзначајните екосистемски услуги кои се добиваат од блатото, за да се интегрираат во донесувањето одлуки за негово управување и заштита. Проектот е финансиран од Партнерскиот фонд за критични екосистеми (Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF), кој го препозна блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата од нашата држава.
Прилог
Агенда
Aug 9, 2023
Деновиве започна санацијата на кровната конструкција на домот во село Врбјани
Со санацијата е предвидено појачување на кровната конструкција, замена на летви и замена на ќерамиди.
Вкупната вредност на работите изнесува 432.470 денари, а средствата се обезбедени од буџетот на општина Дебрца за 2023 година.
Aug 5, 2023
Вечерва свечено беше отворена Интернационалната Ликовна колонија “Дебрца” – Белчишта, нејзиното 38 мо издание, кое оваа година е посветено во сеќавање на Ѓорѓија Целески, основоположникот на ликовната колонија.
Градоначалникот Ногачески поздравувајќи ги учесниците на Ликовната колонија и присутните гости истакна дека 38–те години творештво на колонијата покажуваат дека Ликовната колонија “Дебрца” не е обичен културен настан, туку највисок културен дострел на Белчишта , како седиште на општината и на општина Дебрца.
Основоположниците на колонијата пред 40 тина години можеби и самите не биле свесни дека создале културна рожба , која денес е блескаво културно наследство и уметничките дела создадени на Ликовната колонија не се само наследство на Дебрца и Македонија, туку се светско културно наследство.
Општина Дебрца останува партнер на новото раководство на уметничката колонија во нејзините заложби да се врати стариот сјај на една од најстарите ликовни колонии во Македонија.