Select Page
Брежани

Брежани

Брежани е село во Општина Дебарца, во околината на градот Охрид.

Брежани се наоѓа на 25 километри воздушна линија од Охрид помеѓу планинските масиви Илинска Планина и Мазатар на надморска височина од 985 метри. Со магистралниот пат Охрид – Скопје се поврзува кај селото Ботун. Се ноѓа на 6 км.јужно од селото Велмеј. Од градот Охрид е оддалечено 32 километри. Сместено е во крајниот југоисточен дел на областа Дебарца во горниот тек на Брежанска река. Во долината на Брежанска Река се редат извор до извор, поради што народот вели дека Брежани има добра земја, здрава вода и убав свет. Илинска Планина источно од Брежани се поврзува со Плакенска Планина, при што тие претставуваат единствен планински венец кој се протега во меридијански правец север – југ. Кај Брежани се наоѓа преминот (превојот) помеѓу областите Дебарца и Железник (Демир Хисар), поради што во минатото на овој простор активно бил развиен сообраќајот.

Атарот на селото Брежани граничи со атарите на следните села: од север и североисток Велмеј и Големо Илино, од исток и југоисток Мало Илино, Базерник и Слоештица, од југ Плаќе, Речица и Куратица.

Поедини места во атарот на селото ги носат следните имиња: Селиште, Илинска црква, Бигла, Јаоречка црква, Рамни газ, Влашко село, Попова нива, Старо село, Папи, Речка, итн.

Селото е со куќи од збиен тип и има 3 маала кои се делат по родовите Василевска или Долна, Белевска и Цветковска маала.

Брежани е доста старо село. Најпрвин селото се наоѓало во месноста Селиште, 2 километри над селото, а за време на турското владеење селаните од тоа место пред околу 170 години го основале селото на денешната местоположба. Дел од жителите на тоа постаро село се населиле и во селото Велмеј. Во атарот на Брежани, постои и месноста Старо Село, на која селаните често ископувале и пронаоѓале остатоци од ѕидини и ќупови.

Населението од Брежани активно учествувало во текот на Илинденското востание па поради тоа Турците го запалиле селото, и ги запалиле сите 98 куќи во селото,при што некои Брежанци биле одведени во Дијарбекир и не се вратиле. Во 1912 година Македонија подпаднала под Србија и поради тоа што населението биле големи противници на србските интереси, и што не се прифаќале за Срби  од страна на србските власти биле убиени  некои брежанци, а некои биле присилно мобилизирани и закинале како српски војници.

Со нападот на Југославија, на шести април 1941 година, од страна на Германија, и нејзините сојузници Италија и Бугарија ја окупирале Македонија, при што Македонија отпрва била поделена помеѓу Бугарија и Германија. Единствено Брежани од цела Дебарца подпаднала под Бугарија, така што регулирала војници од Брежани да служат во Стара Загора, Самоков, Пловдив, Софија, Сливен, Серес, Драма, Кавала и на други места.

Во 1900 г. Во Брежани имало 560 жители.Огромен број се иселиле за што сведочи и драстичнио пад на бројот на населението во селото. Во 1961 г . живееле 547 жители, додека во 1994 само 56 жители, сите Македонци. Во 2002 г. Селото брои 31 жител.

Брежани е чисто македонско православно село, во кое живее староседелско население.

Родови во Брежани се: Василевци ,Белевци и Цветковци сите родови се староседелски кои живееле во месноста Селиште, а во минатото сите родови имале многу поголем број на куќи од сегашниот, но се смалиле поради иселување.

Според истражувањата во 1948 родови во селото Брежани се:

  • Староседелци: Сукловци -се делат на Соколевци и Станковци; Белевци -се делат на Трпчевци и Поповци; Терзијовци ; Угриновци – еден дел од родот се вика Бошковци, кој е изумрен по машка линија, се имаат селено во Житоше, прилепско и вратено назад; Струмовци; Крстевци; Лаловци и Дамјановци.

  • Доселенички родови: Десановци и Цветковци доселени се од раселеното село Јаор.

С.Брежани може да се пофали со големиот број на цркви и манстири.

  • Црквата „Св. Атанасиј“ се наоѓа на северниот дел од селото. Таа е еднокорабна градба. Градена е од кршен камен, венец од бигор, со полукружна апсида. Црквата потекнува од 19 век. Во поново време е преправана, само апсидалниот дел е остаток од постарата градба. Треба да се нагласи дека и постарата градба е обновена врз постар објект. За тоа зборуваат постарите средновековни гробни конструкции што се наоѓаат во дворот, посебно кон исток. Однадвор црквата е малтерисана, а внатрешноста е со полуоблест свод. Постариот живопис не е сочуван. Апсидалниот дел е единствен што е зачуван оригинален дел од постарата црква. Влезот е од јужната страна, како и ѕвоното. Во внатрешноста постои иконостас со постари пресликани икони.

  • Манастир „Св. Петар и Павел“. На околу 300 м. од последната куќа на с. Брежани се наоѓа манастирот посветен на првоапостолите Петар и Павел.По кажување на Стојан Спироски, жител на ова село, црквата била изградена по сон на неговата сопруга Љуба, а со градба се започнало во 1991 година, а била живописана во 1998 година. Иконостасот бил направен од страна на Цветко Маркоски, а иконите се дело на Ристе Никески. Денес оваа црква претставува вистински манастир со придружни објекти и трпезарија.

  • Црквиште- на 4 – 5 километри северно од Брежани во месноста Јаорец се наоѓаат остатоци од стара црква со димензии 6 х 3,5 м. и разурнат иконостас со икона на која е претставена Св. Богородица со Христос. Црквата е запуштена во непознато време, а денес овој локалитет, како и видливите стари средновековни гробишта, е обраснат со трева. Овој локалитет е познат како Црквиште.

  • Јужно од црквата Свети Петар и Павел, на околу 20 м. се наоѓаат две мали капели, едната посветена на Св. Петка, а другата на Св. Петар и Павел. Според кажувањето на постарите жители на ова село, на ова место од памтивек луѓето палеле свеќи, а некогаш на ова место имало Лекојта вода.

  • Исто така јужно од овие капели, на околу триесетина метри, се наоѓа култно место на кое што жителите од селото палат свеќи, а местото се вика Свети Спас.

  • Во средишниот дел на с. Брежани се наоѓа локалитетот Св. Никола. На ова место е изградена правоаголна градба, без апсида, без живопис и иконопис.

Постојат и двата познати локалитети во село Брежани:

  • Локалитетот Манастириште. Северозападно, на 5 км. од селото Брежани, десно од меѓуселскиот пат Брежани – Велмеј кај Јаоречка река, едно стотина метри над месноста Николичина Ливада се наоѓа локалитетот Манастириште. Тој зафаќа 1 ха. во неговата средина се забележува основа на зграда ориентирана исток – запад, т.е. црква, а на северниот и јужниот крај од нивата се забележуваат урнатини од повеќе згради. Во Брежани и во Велмеј е проширено преданието дека во оваа манастирска црква бил погребан царот Самоил, па во 1935 – 1939 година овој простор го преорале диви копачи, барајќи злато. Тоа барање не било без основа зашто во Јаорец еден брежанец нашол златна змија, но не знаејќи што е, некои му ја украле.
  • Локалитет Писан Камен. Овој локалитет се наоѓа во Горни Јаорец. На една карпа има неколку знаци со црвена боја, а на висина од 2 м. од земјата на неа е испишана буквата П и под неа има крст. Преданието на ова место е сврзано со златото на Цар Самоил.ец.

Утврдени се некои и археолошки локалотети:

  • Брежанско Градиште, утврдена населба од доцноантичкото време. Во селото, населба од неолитското време.
  • Градиште – Кула, населба од железното и хеленистичкото време.
  • Широко Гариште, топилница од римското време
  • Во селото – населба од неолитот.

Во Брежани во 1986 г. Бил основан и фудбалскиот клуб Мазатар.

Во поодамнешно време во ниското полско село Горно Средоречие се иселиле родовите Марковци, Миленковци и Божиноски. По Втората светска војна започнал масовен бран на иселувања при што околу 50 куќи се иселиле во Охрид, околу 40 куќи во селото Трновци во околината на Битола, 6 куќи во демирхисарското село Суво Дол и Битола.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: од Сукловци има иселеници во Суводол ; од Струмовци иселеници има во Суводол ; од Крстевци иселеници има во Суводол; од Цветковци иселеници има во Америка и во Суводол.

Родот Ламбовци  се иселил во селото Железнец, Железник во 1791 година. Родовите Налевци , Јаневци  и Таневци се иселиле во селото Суводол, Железник, првите два рода во 1821 година, а третиот во 1925 година.

Според податоците од 1988 година иселеници од Брежани има во: Охрид ,Трновци, Австралија, Суводол, Битола, Скопје, Сопотница, Белград, Подмоље, Свето Тодори ,Прилеп ,Велмеј , Ботун, Куприја (Србија), Шабац, Кавадарци, Дебар, Велгошти, Струмица, Сараево, Нови Сад, Црна Гора и во Бугарија.

Ботун

Ботун

Селото Ботун се наоѓа  во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во околината на градот Охрид, сместено помеѓу Илинска и Славеј Планина. Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на некогашната Општина Белчишта.Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото припаѓало на некогашната Општина Белчишта. Од  1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Белчишта( во која покрај селото Ботун, се наоѓале и селата Белчишта, Брежани, Велмеј, Горно Средоречие, Грко Поле, Долно Средоречие, Злести, Лешани, Ново Село, Песочани и Црвена Вода). Во периодот 1950-1952 година, селото Ботун се наоѓало во некогашната Општина Ново Село( во која влегувале селата Ботун, Ново Село, Песочани и Црвена Вода).

Најблиско село е Злести. Атарот на селото Ботун граничи со атарите на селата: од север Црвена Вода и Ново Село, од исток со Белчишта и Злести, од југ со Климештани и Мешеишта, и од запад со Делагожди и Корошишта/Џепин. Ова село представува средна населба.

Селото е рамничарско-ридско, при што куќите во селото се наоѓаат на височина од 740 до 800 метри. Од градот Охрид е оддалечено 24 километри. Атарот зафаќа површина од 12,5 км², од кој обработливото земјиште зазема површина од 381,1 хектар (ha), пасиштата заземаат 45,5 ha, а шумите имаат најголема површина од 757,2 ha.

Селото Ботун за прв пат се спомнува во пописниот дефтер од 1582 година, кога припаѓало на Охридскиот санџак, нахија Дебарца, но старото село пропаднало и денешното село го обновиле доселеници од околните раселени села, и од исто така раселениот град Закамен. Во 19 век, Ботун се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство.

Според некои податоци во селото Ботун во 1900 г. Живееле 370 жители, сите Македонци христијани.Во 1905 г. бројот на жители е 400, а во 1961 бројот е зголем на 526 жители, но само за триесеттина години нивниот број значително се намалил и во 1994 г. Имало 212 жители.Во 2002 година во селото Ботун живееле 227 жители, од кои 220 Македонци, 3 Срби и 4 други.

Селото има поледелско-шумска функција. Околу него има доста шума, додека пасишта има многу малку. Местата околу атарот ги носат следните имиња: Горна тумба, Јовчиница, Савра, Копрница, Кучков рид, Волковија, Умишта, Каленик, Присој, Манастирец, Калуѓеров дол, Калуѓерка (река), Вели врв (1.053 м), Бела вода, Стрмна краста (1.173 м).

 Селото е со куќи од збиен тип, и има Горно, Средно и Долно маало. Ботун е македонско православно село. Родовите во селото се староседелски, односно живееле во сега веќе раселените села, кои постоеле во атарот на селото. Доселеничките родови пак потекнуваат од градот Закамен, струшка Малесија, а само еден род не го знае местото на старина.

Според некои постари истражувања  родови во Ботун се : Мацевци, Ничевци, Јордановци  и Гроздановци – доселени се од градот Закамен; Костевци , Апостоловци, Трпковци, Карафиловци или Димовци, Ѓуровци  и Јоновци – доселени се од сега раселеното село Старо Село, кое се наоѓало на границата меѓу селата Мешеишта и Ботун; Голикрстевци – доселени се од раселеното село Пусти Куќи, кое се наоѓало во атарот на селото Ботун; Митревци -доселени се, но не знаат од каде се доселени.

Според други истаживања во 1948г.родови во с.Ботун се:

  • Староседелци: Николевци и Митревци
  • Доселеници: Карафиловци ( доселени се во средината на XVIII век од раселеното село Старо Село, кое се наоѓало на реката Сатеска пониско од Ботун); Апостоловци , се делат на Волкановци и Димовци( и тие се доселени од Старо Село); Петревци (се делат на Ничевци, Гроздановци и Мацевци. Доселени се од раселениот град Закамен, Малесија);Несторовци (доселени се во 1936 година од селото Црвена Вода) и Крстановци ( доселени се во 1938 година од селото Црвена Вода)

Село Ботун има основно училиште до V одд-подрачно училиште на ОУ „Дебрца“ – Белчишта.

Ова село е богато со цркви и манстири .Цркви во село Ботун се: Црква „Св. Богородица“ — изградена во 1871 година; Црква „Св. Архангел Михаил“ — изградена во 1974 година; Црква „Св. Богородица“ — изградена во 1991 година како манастирска црква на новиот манастир.

Манастири: Ботунски манастир — новоизграден манастир над селото;

Како редовен настан е во Ботун е нивната селска слава  по повод празникот Голема Богородица на 28 ми Август.

Во Ботун постои и фудбалскиот клуб ФК Ботун.

Од ова село има ислени родови и по другите села. Во Ново Село е иселен родот Таневци, во Долно Средоречје е иселен родот Ботунци или Мацевци, во Горно Средоречие се иселени родовите Настевци и Савевци, сите овие родови се иселени пред дваесеттите години на XX век. После Втората светска војна иселеници најмногу имало во Охрид , Скопје, помалку се иселени во Битола, Струга, селото Мусинци  и во банатското село Јабука.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: од Николевци иселеници има во Глогоњ, Војводина; од Митревци иселеници има во Гостивар; Охрид и во Средна Америка; од Карафиловци иселеници има во Охрид и во Злести; од Петревци иселеници има во Охрид .

Големина на Фонт
Контраст