May 9, 2019
Градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески оствари средба со претставници од Ботаничкото друштво од Женева. Шеснаесет научници – ботаничари направија прошетка на Белчишко Блато и се воодушевија од богатството на растителен биодиверзитет. Градоначалникот ги запозна гостите со можностите кои ги нуди блатото како за научни истражувања, така и за развој на екотуризам и за плановите на Општина Дебрца за проекти поврзани со него.
Разгледот на блатото беше овозможен од проектот „Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишко Блато (Сини Вирој)“, имплементиран од здружението „Екотуризам 2016“, и канцеларијата на UNDP, а финансиран од ЕУ, односно координаторот Ѓоко Зороски и проф. д-р Бојан Симовски од шумарскиот факултет, Скопје.
Задоволни од виденото, научниците ќе ги преточат своите впечатоци во статија во нивниот годишен журнал. Тоа ќе придонесе за промоција на блатото за швајцарските туристи како екотуристички локалитет и се отвора поле за соработка со општината.
Инаку, Ботаничкото друштво од Женева е угледна организација, основана во 1875 година која се занимава со проучување на флората од Европа, организира научни екскурзии и издава научни списанија.

Apr 27, 2019
По повод утрешниот тажен ден, пред 18 години, кога во заседа, кај тетовското село Вејце, свирепо, беа убиени и масакрирани осуммина припадници на специјалните единици на МВР и на АРМ, во селото Слатино, општина Дебрца, се одржа комеморација пред Спомен обележјето на Игор Костоски.
Денес уште еднаш се поклонивме пред спомен обележјето во село Слатино и го одбележивме херојското дело, 18 години од денот на загинувањето на нашиот сограѓанин, припадникот на специјалната единица на АРМ, “Волци”, водникот Игор Костески, на 28 април 2001 година, кај Вејце, Тетовско.28 април 2001 година е најцрниот ден во поновата македонска историја. Ден кога кај Вејце од страна на припадници на терористичката ОНА, на подмолен начин, во заседа беа убиени, а потоа масакрирани, а некои и живи запалени, 8 бранители, и тоа- 4 припадници на Специјалната единица на АРМ, “Волци”, меѓу кои и водникот Игор Костески и четири припадници на посебната единица на СВР Битола.Судбината сакаше Дебрца, која уште од времето на Свети Климентовата Кутмичевица, преку Илинденското востание, НОБ дала многу жртви и херои за денешната слобода, да даде уште една жртва и во воениот конфликт од 2001 година. – кажа градоначалникот Зоран Ногачески.

Обраќање за настаните од воениот конфликт 2001 година и грозоморниот чин во Вејце имаше Добре Велјаноски од охридскиот огранок на Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста.

На денешниот чин присуствуваа претставници на општина Дебрца, месната заедница село Слатино, Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста, со претседателот, генералот во пензија Филип Котели, роднини на Игор и граѓани на Слатино.
Нека им е вечна слава. И на Игор и на неговите другари, соборци.
Хероите никогаш не умираат.
Apr 11, 2019
Од 11 до 13 Април градоначалникот Ногачески ќе биде во работна посета на Холандија.
Во Холандија ќе ја посетам фабриката, односно постројката за отпад – енергија HVC Alkmaar.
Станува збор за современа постројка за собирање и рециклирање на отпадот.
Тие од отпадот прават и повеќе!
Произведуваат и испорачуваат обновлива енергија преку HVC KringloopEnergie. Добиваат топлина, електрична енергија и зелен гас од биомаса, сонце, ветер и GFT. На тој начин работат за оддржлива Холандија.
Целта на посетата е на лице место да се запознаам со најсовремената технологија за третман на отпадот, како контрааргумент на технологијата која ни ја понуди грчкиот консултант Енвироплан за управувањето со отпадот во Југозападниот плански регион.- изјави градоначалникот Ногачески.
Apr 10, 2019
Ветивме дека за сите спортски фудбалски клубови од општината кои се натпреваруваат во организиран систем на натпреварување ќе ја зголемиме финансиската поддршка и ќе обезбедиме средства во висина на котизацијата за соодветниот ранг на натпреварување и тоа континуирано го правиме.
И не само тоа.
Не ветивме, а исполнивме.
Согласно Годишната програма за развој на спортот во општина Дебрца за 2019 година за сите фудбалски клубови од општина Дебрца кои се натпреваруваат во организиран систем на натпреварување ( ФК “Свети Петар”, Лешани, ФК “Злести”, ФК “Дебрца”, Белчишта –општинска лига и ФК “Сатеска”, Волино – регионална лига ) обезбедивме комплет спортска опрема ( по 20 дресови, шорцеви, штуцни, тренерки и по три фудбалски топки ).
Спортската опрема денес им ја предадов на претставниците на клубовите.
Средствата за набавка на спортската опрема во износ од 300.000 денари се обезбедени од буџетот на општината за 2019 година.
Парите на граѓаните ги враќаме назад кај граѓаните, овојпат кај спортистите.
И во иднина општината финансиски ќе го поддржува спортот, бидејќи вложувањето во спортот е вложување во здравјето.


