Select Page
Интензивно се расчистуваат дивите депонии на територија на општина Дебрца

Интензивно се расчистуваат дивите депонии на територија на општина Дебрца

Општина Дебрца започнав со интензивно расчистување на дивите депонии, со што ќе бидат опфатени сите јавни простори во општината, натрупани со комунален и друг вид на отпад и градежен шут.

Започнавме со чистење на една од најголемите депонии, просторот во м.в.”Царo Поле”, помеѓу патниот правец село Ново Село – село Белчишта и течението на реката Сатеска, кај село Ново Село. Простор кој со години е деградиран со најразличен вид на отпад.
По завршувањето на чистењето на депониите ќе спроведеме широка акција за јакнење на еколошката свест на граѓаните, а потоа засилен инспекциски надзор и крајно против сите прекршители ќе преземеме со закон пропишани санкции.
Ветивме нула толеранција за дивите депонии и затоа апелирам до сите граѓани да дадеме придонес Дебрца да остане чиста и незагадена, со заштитено природно наследство. – потенцираше градоналаникот Ногачески.

 

Се реализира проектот “Требенишко Кале – истражување 2019”

Се реализира проектот “Требенишко Кале – истражување 2019”

Ако преку проектот за Белчишкото Блато го промовираме светското природно наследство на Дебрца, сакам да Ве информирам за уште еден проект кој деновиве интензивно се работи и кој има за цел да се промовира светското археолошко и културно наследство на Дебрца.

Имено, откако минатата година со Филозофскиот факултет Скопје спроведовме истражување на десет најзначајни археолошки локалитети во Дебрца, оваа година продолживме со истражувањата на најзначајниот археолошки локалитет, Требенишкото Кале.
Вчера градоначалникот Зоран Ногачески ги прими Проф.Др.Виктор Лилчиќ Адамсен и неговиот тим, кои го информираа за сознанијата од нивната работа на терен.

Според нив, сознанијата од истражувањата илустрираат околу 1800 години живот во континуитет и ако се додаде архајскиот период, или како што вели почитуваниот професор Лилчиќ “периодот на господарите со златните маски”, тогаш имаме 2200 години континуитет на овој древен град, распослан на околу 5 хектари.

По завршувањето на истражувањата на терен ќе се изработи завршен извештај со фото и техничка документација, а кој ќе биде претставен и пред пошироката јавност.

Средствата за реализација на овој проект, во износ од 100.000 денари се обезбедени од Буџетот на општина Дебрца за 2019 година.

А мојот “сон”, кој се надевам дека за бргу ќе биде јаве е Требеништа да биде културната престолнина на општина Дебрца, со Културен Изложбен Центар, во кој ќе биде претставено не само археолошкото наследство од Требенишкото Кале и Требенишката некропола, туку и целокупното археолошко наследство на Дебрца. – изјави градоначалникот Ногачески по средбата.

На тоа силно обврзуваат и “100-те години Требеништа”.

Општина Дебрца доби донација од Здружението за екологија и туризам “Екотуризам 2016”

Денес градоначалникот Зоран Ногачески и проектниот координатор на Здружението за екологија и туризам “Екотуризам 2016″ Охрид, Ѓоко Зороски потпишаа договорот за донација, со кој на општина Дебрца на трајно владение и се предадени туристичка инфраструктура и промотивни материјали за Белчишкото Блато “Сини Вирој” и тоа :
-објект: “Набљудувачница”, поставен во м.в. “Ветерник”,
-два објекти: “Видиковец” ,поставени во м.в.”Воденичиште” и м.в.”Сини Вирој”,
-пет објекти: “Информативен знак”, поставени во м.в.”Ветерник”, м.в.”Чавлиева Краста”, м.в.”село” , Белчишта ( два ) и м.в.”село”, Ново Село,
-објект: “Брендирана автобуска постојка” со едукативни постери за Белчишкото блато, во центарот на село Белчишта,
-10 парчиња грбни прскалки за гаcнење пожар,
-маици со логото на Белчишкото Блато,
-разгледници со мотиви од блатото.

Целта на донацијата е остварување, унапредување,промоција и поддршка на активностите на проектот “Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишкото Блато ( Сини Вирој )”, кој го спроведува здружението „Екотуризам 2016“ и канцеларијата на UNDP, Скопје и е дел од проектот “Подобрување на управувањето со заштитените подрачја”, финансиран од ЕУ, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во рамките на Проектот извршен е биолошки мониторинг на најважни растителни и животински видови и живеалиштето евлова шума во подрачјето на Белчишко блато, а направени се истражувања за валоризација на екосистемските услуги од блатото, како и истражување за социо-економското значење на блатото.

Снимен е документарен филм за промоција на овој биолошки и хидролошки важен локалитет и изработена е веб страница за блатото (www.belciskoblato.mk) .

Во идниот период со сите засегнати чинители ќе работиме за прогласување на блатото за заштитено подрачје на национално ниво, а блатото е веќе идентификувано како идно европско заштитено подрачје во рамките на мрежата НАТУРА 2000.

Се реализираат низа градежни проекти низ општина Дебрца

Се реализираат низа градежни проекти низ општина Дебрца

Изминативе неколку недели па се до крајот на 2019 година, се реализираат неколку клучни градежни поректи.

Официјално започнавме со реализацијата на уште еден значаен инфраструктурен проект, со што исполнуваме уште едно дадено ветување -изградба на доводен цевковод за водоснабдување на селото Слатински Чифлик, единственото село во Дебрца кое нема водоснабдителен систем.

Проектот предвидува изградба на доводен цевковод од село Издеглавје до село Слатински Чифлик, во должина од 2586,60 метри, при што ќе бидат поставени полиетиленски водоводни цевки, PE 100 од 10 bari со DN 90, а ќе бидат изградени и шест ревизиони шахти.

Градежните работи ги изведува фирмата “Маркоски К73” ,од Струга, а средствата , во износ од 3.491.010 денари се обезбедени од Бирото за регионален развој, Програмата за финансирање на проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби за 2019 година.

Деновиве преку Министерството за транспорт и врски ќе биде објавен и тендерот за изградба на резервоар за водоснабдување на село Издеглавје, со што конечно ќе биде решен проблемот со водоснабдувањето на двете села.

Во Лешани по завршувањето на сезоната за наводнување продолживме со изградбата/регулацијата на канал за наводнување во должина од 500 метри.

Во Оровник работите на хортикултурното уредување на просторот кај јарболот со државното знаме влегуваат во завршна фаза.

Работиме во горниот / стариот дел на село Требеништа.
Го уредуваме просторот околу чешмата кај црквата “Св.Мартинија”.
Работиме на решавање на одводот на атмосферските води, а набргу ќе извршиме и тампонирање на патот до црквата “Св.Петка”, во должина од 1 км.

Продолжуваме да гадиме по План-от.

Проект за подобрување на општинските услуги (MSIP)

Проект за подобрување на општинските услуги (MSIP)

Република Северна Македонија 

Проект за подобрување на општинските услуги (MSIP)

 MSIP-SHMUN-DEB-01-19

  1. Овој Повик за поднесување на понуди ја следи општата објава за набавки за овој проект објавена во изданието на UN Development Business со бр. 767 од 31 јануари, 2010 година (печатено издание) и електронски објавена на 06 јануари, 2010 година.

Република Северна Македонија доби грант средства од Европската комисија во рамките на ИПА фондот за рурални инвестиции на Европската комисија за реконструкција и развој за Проектот за подобрување на општински услугите (МСИП) и има намера дел од добиените средства од овој кредит да ги искористи за плаќања по договор за: Подобрување на општинските услуги преку набавка на нова IT опрема

  1. Општина Дебрца ги повикува соодветните и квалификувани Понудувачи за набавка на добра – IT опрема да ги достават своите запечатени понуди.

  1. Поднесувањето понуди ќе се спроведе преку процедури за купување како што е специфицирано во Упатството на Светска банка: Набавка со средства добиени од IBRD заеми и IDA кредити од јануари 2011 година, и е отворен за сите Понудувачи од квалификуваните држави како што е дефинирано во тендерската документација.

  1. Заинтересираните Понудувачи може да добијат дополнителни информации на наведената адреса од 08:00 до 16:00 часот.

Општина Дебрца

Адреса: с. Белчишта бб, 6344

До:  Ангел Секулоски

e-mail: asekuloski@gmail.com

Тел: +38946286855; +38978236060

  1. Заинтересираните Понудувачи бесплатно ќе ја добијат комплетната тендерска документација по поднесувањето на писмена апликација на горенаведената адреса.

  1. Понудите мора да се достават на горенаведената адреса до 12:00, пладне на 15/10/2019. Електронско доставување на понуди не е дозволено. Задоцнетите понуди ќе бидат одбиени.

Градоначалник на Општина Дебрца

Зоран Ногачески

Бесплатна ужинка за сите ученици во ОУ “Дебрца” и оваа учебна година

Бесплатна ужинка за сите ученици во ОУ “Дебрца” и оваа учебна година

Од денес продолживме со мерката- ужинка за секој ученик во основното училиште, која за првпат ја воведовме минатата учебна година.
Секој ученик ќе добива ужинка во текот на учебната година.
Средствата за ужинката се обезбедени во буџетот на општина Дебрца.
Со оваа мерка сакаме малку да го растеретиме семејниот буџет на родителите, а повеќе да го потенцираме социјалниот моментум, односно до израз да дојде социјалната рамноправност на учениците.
И оваа година продолжуваме и со другите мерки: бесплатна екскурзија, финансиска поддршка за талентираните ученици, награда за првенец и ученици на генерација, поддршка за училишните спортови.