Dec 2, 2022
Над 100 волонтери Пиварци, претставници од општините Охрид, Струга и Дебрца, Црвен крст Охрид, нуркачките клубови Амфора и Акватек, денеска го исчистија дното и крајбрежјето Охридското Езеро на 7 локации.
Во рамки на акцијата која беше организирана од Пивара Скопје преку брендот СКОПСКО, а поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање и Пакомак, беше собран отпад на вкупна површина од 100.000 метри квадратни.
„Брендот Скопско секогаш го поддржува она што е суштински значајно и автентично за нашата заедница. Како еден од најстарите македонски брендови чувствуваме дека е нашa одговорност да се вклучиме и да придонесеме кон истата, со особен фокус на заштита на животната средина и активно да делуваме за зачувување на нашите природни и културни богатства, како што е Охридското Езеро. Ова е воедно и повик до сите да ја разберат улогата и одговорноста која ја имаат во заштита на овие национални обележја на кои сме горди. Оваа акција е само вовед во долгорочната платформа за заштита на животната средина која Скопско наскоро ќе и ја претстави на јавноста. “ – изјави Марта Завкова, сениор бренд менаџерка за Скопско во Пивара Скопје.
Општина Охрид како и досега ја поддржа оваа акција и вети дека и во иднина ќе се вклучи во ваквите еколошки акции и ќе даде поддршка на сите проекти кои се поврзани со заштита на природното богатство. “Она што сме го добиле како најскапоцен подарок од природата, а светот го вреднува како светско наследство, обврзани сме да го заштитиме и да го сочуваме за идните генерации“ – изјави градоначалникот на општина Охрид Кирил Пецаков.
Градоначалникот на Струга, Рамис Мерко ги повика стружани заеднички да ја чуваат околината и да обезбедат чиста и здрава животна средина. „Задоволство ми е што денеска сум дел од ваква еколошка акција и соработка. Нашиот град се познава по убавата природа, чистиот воздух и животната средина, но ова не значи дека ние и понатаму не треба да вложуваме и да се трудиме за подобра иднина,“ изјави Мерко.
„Дебрца иако рурална општина, преставува значајна алка со подеднаква одговорност во заштитата на нашиот бисер, Охридското Езеро. И најголемиот слив на Охридското Езеро, сливот на реката Сатеска започнува и завршува во Дебрца и затоа не случајно е дел од природното и културно наследство во регионот заштитено од УНЕСКО“ вели Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебарца. „Се надевам дека ваквите еко-активности со кои во голема мера придонесуваме во заштита на животната средина ќе останат добра пракса и во иднина.“

Подводно, езерото се чистеше на неколку локации: Заливот на коските, Градиште и вливот на реката Сатеска, со посебен акцент на местата каде се мрести охридската пастрмка. Никола Паскали од нуркачкиот клуб Акватек од Охрид изјави – „Ја поздравуваме организацијата на што повеќе вакви акции зошто веруваме дека помагаат да се подигне свесноста и чувството за одговорност на секој индивидуално за вклучување, но не само за чистење туку и за заштита и соодветно отстранување на отпадот. Охридското Езеро е гордост на сите во земјата и мораме да го зачуваме и заштитиме.“
Поддршка во реализација на оваа акција дадоа од Мен енд Маунтаин кои ја потенцираат ургентноста од делување и значењето кое го имаат овие акции за чистење на животната средина, но и за јакнење на свесноста за одговорноста на секој поединец.
Mar 23, 2022
Деновиве Јавното претпријатие “Дебрца” интензивно врши изведба на индивидуални приклучоци на новоизградената канализациона мрежа на заинтересирани граѓани/домаќинства во село Волино.
Сите заинтересирани за приклучок можат да се јават во Јавното претпријатие.
Изведбата се врши со сопствен или материјал набавен од Јавното претпријатие.
Приклучната такса изнесува 1700 денари.
Апелираме сите домаќинства да се приклучат на канализационата мрежа, бидејќи на тој начин даваме придонес за заштита на животната средина.
За целосно ставање во функција на канализационата мрежа преостанува изградбата на третата пумпна станица за објектите во местноста “Св.Петка”, кое се очекува да биде завршено во наредните месеци.
Jan 17, 2022
Се известуваат жителите на село Горенци и горниот дел на село Требеништа дека денес и утре, 19 Јануари ќе има прекин во водоснабдувањето.
Причина се работите на поврзување на новата водоводна линија, кои ги врши изведувачот на работите на изградбата на автопатот, фирмата Синохидро.
Ве молиме за разбирање.
Jan 17, 2022
Со решение на градоначалникот Зоран Ногачески за нов Директор на Јавното претпријатие за комунална дејност “Дебрца” –именуван е Димче Андрески, дипломиран економист и магистер по архелогија.
На средбата со новиот директор разговаравме за состојбите во ЈКП при што ја истакнав мојата безрезервна поддршка на Јавното претпријатие.
Заеднички констатиравме дека неопходно е организирано, систематско и континуирано ангажирање и на општината и јавното претпријатие заради подигање на квалитетот на комуналните услуги на уште повисоко ниво, соодветно на потребите на граѓаните на општина Дебрца.
Заедничка цел ќе биде постигнување на што подобри резултати во работењето, врз база на целосно искористување на капацитетите, максимално подигање на нивото на услугите, максимално искористување на вработените и опремата, а во исто време и максимално намалување на трошоците на работењето.
Преку навременото и квалитетно вршење на комуналните услуги да бидеме поблиску до граѓанинот, да имаме што е можно почиста општина, поубава и со зелени површини, доволно здрава вода за пиење, системи за одведување на отпадните води.
За крај сакам да му се заблагодарам на претходниот ВД директор Игор Крцоски – Манце за досегашната соработка и неговиот ангажман во ЈКП Дебрца. – потенцираше градоначалникот Ногачески по средбата.
Dec 29, 2021
Последните денови од годината вообичаено се прави ретроспектива на тоа што сме оствариле во годината што изминува.
Наша констатација е дека голем дел од планираните проекти успешно ги реализиравме.
Дел од проектите останаа незавршени поради се уште присутната ковид криза и фактот што во последниот квартал од годината беше изборната кампања и локалните избори.

Преглед на дел од реализираните проекти во 2021 година:

санација на балон салата во село Требеништа и изработка на акрилна подлога на тениското игралиште -175.000 денари, буџет на општина,

санација на внатрешниот дел од старата училишна зграда во село Песочани (замена на старите прозори и врати со ПВЦ столарија, малтерисување на оштетените делови од внатрешните ѕидови, молерисување, поставување на ламинат, електрична инсталација, санација на влезна скала), вредност 303.897,00 денари, Буџет на општината,

монтажа на нов котел за парно греење во ПОУ с.Лешани, донација на фирмата Милкуз Дооел Охрид,

изведба на индивидуални приклучоци на канализационата мрежа во село Волино, вредност 2.360.000 денари, буџет на општина Дебрца,

санација на дел од старата училишна зграда во село Слатино (санација на кровната конструкција, три простории во објектот, надворешната врата и прозорци и предната надворешна фасада) и отворање на Спомен соба за Игор Костески, македонски бранител, припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“ при АРМ, учесник во воениот конфликт во Македонија во 2001 година, вредност, буџет на општина,

комплет спортска опрема и фудбалски топки за ФК Слатино, вредност 60.000 денари, буџет на општина,

набавена е приклучна механизација – мулчер, кој се приклучува на ровокопач и првенствено ќе се користи за чистење на вегетацијата околу општинските и пристапните патишта, вредност 355.950,00 денари , Буџет на општината

набавено е специјално возило за комунален отпад, вредност 1.180.000 денари, буџет на општина,

реконструкција и пренамена на старата училишна зграда во с. Брежани во планинарски дом, вредност 80.000 евра, ИПА Програма за прекугранична соработка Македонија-Албанија,

уредување на дел од централното подрачје во село Оздолени (санација на просторот околу споменикот во центарот, санација на постоечки бетонски скали и парапети, спомен обележјето, поставување на 60 м2 бекатон плочки, поставување на метална настрешница ), вредност 327.500 денари, Буџет на општината,

реконструкција на кровот на селскиот дом во село Лактиње, вредност 549.750 денари, Буџет на општина Дебрца,

реконструкција на кровот на објект на месна заедница село Ново Село, вредност 412.480 денари, Буџет на општина Дебрца,

Санација на спомен обележјето во центарот на селото. Лактиње, вредност 30.000 денари, буџет на општина,

изградба на доводниот цевковод во должина од 730 метри, набавка и монтажа на пумпна станица, електрична енергија и ставање во функција на новиот извор-бушотина за водоснабдување во село Требеништа, вредност 2.824.211 денари, буџет на општина,

уредување на улица во село Белчишта- изградба на тротоар со ширина од 1, 5 метри, на влезната улица во село Белчишта, на потегот од мостот на Голема Река до центарот на селото, во должина од 470 метри, вредност 1.559.706 денари, Програма за развој на села,

доизградба на фекална канализација за село Волино, во должина од околу 500 метри,вредност 2.608.375, Програма за развој на подрачја со специфични развојни потреби,

санација на спомен чешмата во Сливовски Анови, вредност, 235.762 денари, буџет на општина,

тампонирање на пат до црква Св.Петка, во село Требеништа, во должина од 1 км, вредност 944.000 денари, буџет на општина,

тампонирање на пат во местност Рибница, во село Оровник, во должина од 1 км, вредност 1.161.665 денари, АФПЗРР,Буџет на општина,

завршени се најголемиот дел од индивидуални водоводни приклучоци за домаќинствата во Слатински Чифлик, вредност 162.000, буџет на општина,

партерно уредување на платото пред црквата “Св.Никола” во село Брежани ( поставени 200 м2 бекатон плочки, 40 метри рабници и бетонски плочки над камена ограда, во должина од 67 метри) и уредување на платото пред црква Св.Јован Крстител, село Белчишта, 240 м2 бекатон плочки, вредност 468.637 денари, буџет на општина,

зафаќање на вода за наводнување и уредување на каналот за наводнување во село Годивје ( изграден зафат на устието на каналот за наводнување, поставени се 140 метри цевки и изграден канал со решетки, во должина од 30 метри, вредност 700.000 денари, буџет на општина,

осветлување на центарот со лед рефлектори и проширување на јавното осветлување во село Злести, вредност 50.000 денари, буџет на општина,

уредување и чистење на диви депонии ( кај фудбалското игралиште во село Лешани,кај мостот на реката Сатеска,на патот Волино-Требеништа и патот Волино-Мешеишта, во местност Селиште, Белчишта) ,

изградба на одводни канали и пропусти на улици во село Арбиново и село Велмеј,

Ставено во функција осветлувањето на новоизграденото спортско игралиште во село Лешани,

Континуирано чистење на крајпатната вегетација и снег на општинските патишта и улици,

чистење на централното речно корито во село Требеништа,

обезбедување на електрична енергија до местноста “Св.Варвара”,село Требеништа, каде е поставено православното обележје-крст и проширување на јавното осветлување во повеќе населени места,

пробивање и чистење на речното корито на т.н. “Средна Река” село Белчишта до вливот во Матицата на Белчишкото Блато и чистење на речното корито во центарот на селото,

Започнавме со реконструкција на фудбалското игралиште во с.Мешеишта,вредноста на договорот е 1.359.537 денари, а средствата се обезбедени од буџетот на општината,

извршивме осветлување на црква Св.Илија, село Лактиње,

се реализира проектот: “Дебрца-неизгаснати огништа” ( изготвени 6 документарно-патописни репортажи под рaботен наслов „Патуваме низ Славна Дебрца“, документарен филм за Дебрца и романизирана историска повест / книга, вредност 180.000 денари, буџет на општина.