Dec 1, 2025
Долгогодишниот проблем за поврзување меѓу Дебрца и Струга – конечно решен!
Денес остварив средба со градоначалникот на Општина Струга, г-дин Менди Ќура. На средбата се разговараше за долгогодишниот проблем со кој се соочуваат жителите на Дебрца, односно поврзувањето со Струга преку патниот правец Требеништа – Мислешево.
Градоначалникот информираше дека овој долгогодишен инфраструктурен проблем ќе биде конечно решен и дека во наредниот период ќе започне асфалтирањето на делницата. Со тоа ќе се овозможи сигурно, брзо и безбедно поврзување за жителите на овој регион.
Nov 17, 2025
Во текот на вчерашниот ден во Општина Дебрца остваривме значајна работна средба со соработниците од покраината Тирол (Р. Австрија), г-дин Петер Лотар и г-дин Јоханес Пап. Со особено задоволство ја примивме нивната вредна донација – противпожарно возило што значително ќе го засили капацитетот на општината и волонтерската противпожарна служба во справување со пожари и кризнични ситуации.
Заедно со командирот Борко Јанкулоски, главниот двигател и покровител на овој важен проект, разговаравме за продлабочување на меѓусебната соработка, како и за развој на нови иницијативи во областа на заштитата и спасувањето, волонтерството и модернизацијата на опремата.
Од страна на Општина Дебрца упативме искрена благодарност и надеж за натамошна поддршка и партнерство, кои директно придонесуваат за поголема безбедност и подобар квалитет на услугите за нашите граѓани. Средбата помина во конструктивна и пријателска атмосфера, со јасна заедничка заложба за понатамошно унапредување на соработката.
Дополнително, со задоволство информирам дека е договорено Општина Дебрца да добие уште две противпожарни возила. Со тоа, нашата општина ќе располага со вкупно три противпожарни возила – сериозен чекор напред во изградбата на побезбедна и поопремена општина.
Nov 14, 2025
Во просториите на Општина Дебрца денес се одржа првата конститутивна седница на новоизбраниот Совет на Општина Дебрца. На седницата беа верификувани мандатите на советниците, со што официјално започна мандатниот период на новиот советнички состав.
За претседадел на новиот советнички состав е избран Иван Стрезоски.
Свое присуство на седницата имаа и учениците од хорoт при ООУ „Дебрца“, кои со изведба на неколку композиции ја збогатија свечената атмосфера и дадоа посебен придонес кон значењето на овој важен општински настан.

Одржувањето на конститутивната седница претставува важен чекор во функционирањето на локалната самоуправа и отвора ново поглавје во работата на Советот, кој ќе продолжи да делува во интерес на жителите на Општина Дебрца.
Nov 12, 2025
Денес, во просториите на Општина Дебрца, беше извршено официјалното примопредавање на градоначалничката функција помеѓу досегашниот градоначалник Зоран Ногачески и новоизбраниот градоначалник Златко Сиљаноски.

На средбата, во духот на демократските вредности и институционален континуитет, беше извршено примопредавањето, со што новоизбраниот градоначалник ја презеде одговорноста за раководење со локалната самоуправа на Општина Дебрца.
Досегашниот градоначалник Ногачески му посака успех во работата на својот наследник, изразувајќи уверување дека Општината ќе продолжи да се развива во интересите на сите жители

Новиот градоначалник Сиљаноски се заблагодари за досегашната соработка и довербата добиена од граѓаните, нагласувајќи дека негов приоритет ќе биде транспарентно, одговорно и посветено работење во интерес на секој жител на Општина Дебрца.
Со ова примопредавање официјално започнува новиот мандат на градоначалникот Златко Сиљаноски, кој ја презема функцијата со цел за натамошен развој, подобрување на инфраструктурата, унапредување на јавните услуги и создавање подобри услови за живот во нашата општина.
Nov 3, 2025
Денес сме собрани со убава, но и малку емотивна причина – да ѝ посакаме среќно пензионирање на нашата почитувана колешка Лилјана Аврамоска, долгогодишен вработен во Aрхива при Општина Дебрца.
Лилјана во текот на својата работа беше пример за посветеност, одговорност и скромност. Со нејзината прецизност, совесност и мирен карактер, таа успеа да внесе ред, доверба и стабилност во секојдневното функционирање на службата.
Ние, нејзините колеги, ќе ја паметиме по љубезната насмевка, подготвеноста секогаш да помогне, и по тивката, но сигурна сила со која придонесуваше колективот да биде подобар и посложен тим.

Драга Лилјана,
Твоето заминување во пензија е почеток на едно ново, заслужено поглавје во твојот живот. Пензионерските денови да ги поминеш во добро здравје, со многу радост, семејна топлина и време за сите нешта што можеби досега не си стигнала да ги правиш.
Во името на сите вработени во Општина Дебрца,ти упатуваме искрена благодарност за твојот труд, лојалност и придонес во развојот на нашата институција.
Ти посакуваме среќно пензионирање, спокојни денови и многу убави моменти со најблиските.
Oct 14, 2025
Пристигна противпожарното возило ,донација за општина Дебрца од тиролската противпожарна бригада, Република Австрија, а кое ќе биде дадено на користење на новоформираното Доброволно противпожарно друштво “Ентузијаст Дебрца.”

Градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески изразува особена благодарност до донаторот,Противпожарната бригада на Тирол, Сојузна покраина на Австрија и до командирот на ТППЕ Охрид,Борко Јанкулоски,кој со својот несебичен ангажман е најзаслужен за реализација на оваа донација,со што се создаваат почетни услови за остварување на противпожарната заштита во општина Дебрца на поорганизирано ниво,нешто што сите овие години наназад беше основна заложба на локалната самоуправа и воопшто на граѓаните на Дебрца.