Select Page
Сливово

Сливово

Сливово — село во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во близина на патот Кичево – Охрид

Во околината на селото имало многу Сливи, и отука дошло името на селото Сливово, или Сливоо, по месниот дијалект.

Селото Сливово се наоѓа во областа Дебарца, на северозападните падини на Илинска Планина. Оддалечено е 30 километри јужно од Кичево и 37 километри северно од Охрид. Атарот на селото Сливово граничи со атарите на следните села: од западната страна со селата Врбјани и Годивје, од северната страна со селата Малкоец и Јудово, од источната страна со селото Турје, и од јужната страна со селата Мраморец и Арбиново.

Месностите во атарот на селото се следните, во шумскиот дел на селото: Капалиште, Храсјен, Турјанска чешма, Попој нивје, Ќосарица, Голак, Спаси камен, Калуѓерец, Мачерник, Фурна, Али чука, Папрадиште, Црни врв, Топачери, Мајчи круша, Преспол, Милошев рид и Кочерид.

Во деловите каде има обработена земја се месностите: Попоа водејнца, Лениште, Клодорама, Св. Никола, Странка, Брце ( горно и долно), Гола глава, Лагон, Турски кладенец, Длага, Слогојне, Трапишта, Бел пат, Кошари пелиор, Врчало, Камен, Печи Змија, Гуска и Осоји.

Куќите во селото се од збиен тип, и во селото има 3 маала: Горно, Долно и Средно маало

Селото за прв пат се спомнува во пописниот дефтер од 1582 година, кога припаѓа на Охридскиот санџак, нахија Дебарца. За претходна локација на селото се спомнува дека била во месноста Св. Никола, која лежела југозападно од денешната положба на селото, но поради турските пљачкаши селото најпрво се поместило во месноста Јакоски куќи. Таму Сливово се наоѓало околу 1800та. Но поради пљачкаши и од таму се поместила, па селото е преместено на денешната местоположба.

Во текот на своето бурно минато, селото е на 2 пати палено до темел. Во текот на Илинденското востание во селото се запалени 70 куќи,  плевни, 1 воденица, 1 црква и 1 училиште.

Според податоците од 1873 година, селото имало 80 домаќинства со 218 жители христијани (Македонци).

На 11 септември 1944 година во Сливово била формирана Првата македонско-косовска ударна бригада.

Според податоците од 1900 година, во селото Сливово имало 400 жители, сите Македонцихристијани, а  во 1905 година во Сливово имало 480 жители.

Во селото Сливово живеат Македонци припадници на православната вероисповест. Во селото има и староседелски и доселенички родови.

Староседелски родови се: Биљановци, и Смилевци.

Доселенички родови се следните:

  • Дуртановци- доселени се поради убиство од некое село во околината на Гостивар.
  • Распоповци- не го знаат местото од каде се доселиле.
  • Белчевци- се доселени од сега веќе раселеното село Белче кое постоело во атарот на селото Мраморец.

Според истражувањата  во 1948 година родови во селото се:

Староседелци: Митрушковци, живеат во Горно Маало, слават Варвара и Преображение; Ѓурковци,живеат во своето маало, слават Варвара и Преображение,  Вељановци или Прензовци, живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Распоповци, живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Смилевци и Богдановци  се еден род, живеат во свое маало, слават

Варвара и Преображение; Шолаковци или Аврамовци, живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение; Чалевци со Димчевци и Андревци, и Белчевци се еден род, и живеат во свое маало, слават Варвара и Преображение.

Со непознато потекло се; Димчевци и Симоновци се два посебни рода, некои за нив велат дека се староседелци и далечни деленици од некои од староседелските родови, живеат во свои краеви во селото и двата рода слават Варвара и Преображение.

Селото влегува во рамките на Општина Дебарца, која се создала во 2004, по спојувањето на поранешните општини Белчишта и Мешеишта. Во периодот 1996-2004 селото влегувало во рамките на Општина Белчишта.

Цркви во селото Сливово се:

  • Црква „Св. Атанасиј“- главната селска црква;
  • Црква „Св. Никола“;
  • Црква „Св. Варвара“- најновата селска црква. Камен темелник удрен на 26 јули 2015 година;

Археолошки локалитети во Сливово се:

  • Брце- црква и некропола од ран среден век;
  • Горица- црква од ран среден век;
  • Еленишта-населба среден век;
  • Јаковски Куќи- населба од ран среден век;
  • Ковачница- топилница и ковачница од среден век;

Во селото е родот Ќосевци, Родовите Тасевци и Маљуковци  се отселени во Тајмиште. Во селото Десово се отселени родовите Мицковци и Петковци (2 к.), првите доселени таму 1923 година, а вторите 1925 година. Во селото Дупјачани е родот Сливовци доселен таму 1926 година. Во селото Врбјани е родот Дошлаковци, таму отселени 1850 година. Во Ново Село е родот Прензовци, во Ново Село се населиле средината на XIX век. Во селото Велмеј е истоимен род и во Слатински Чифлик е родот Србиновци отселен таму 1922 година.

После втората светска војна населението почнува да се иселува во градовите и селото Љубојно. Иселеници има во: Охрид,  Скопје , Кичево, Струга, Битола и Прилеп. Во Љубојно се отселени Јовановци во 1950-тите и на многу други места. Надвор од Македонија иселеници има во Австралија.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: Од Митрушковци иселеници има во Бугарија , САД, Битола , Прилеп, Десово, прилепско, и во Дупјачани, прилепско; од Ѓурковци иселеници има во Бугарија, САД и во Глогоњ, Војводина; од Распоповци иселеници има во Бугарија и во Глогоњ, Војводина; од Смилевци иселеници има во Турје, Годивје, Козица, кичевско , Охрид , Десово, прилепско  и во Белград; од Богдановци иселеници има во Охрид , и во Бугарија, од Шолаковци иселеници има во Десово, Прилепско и во САД ; од Чалевци иселеници има во Бугарија , и во Аргентина; од Димчевци иселеници има во Слатински Чифлик , Десово, прилепско , и во Прилеп; од Симоновци иселеници има во Логоварди, битолско, Беровци, прилепско, Дупјачани, прилепско , Глогоњ, Војводина и во Бугарија.

Родот Распашновци иселени се во Граиште, Железник во 1857 година.

Слатински Чифлик

Слатински Чифлик

Слатински Чифлик е село во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во околината на градот Охрид. Селото Слатински Чифлик се наоѓа во областа Дебарца, во подножјето на Илинска Планина.

Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.

Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Издеглавје, во која покрај селото Слатински Чифлик, се наоѓале и селата Издеглавје, Оздолени, Слатино и Сошани. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на некогашната Општина Слатински Чифлик, во која влегувале селата Издеглавје, Оздолени, Слатино, Слатински Чифлик и Сошани.

Според податоците од преданијата и историските записи Слатински Чифлик е младо село кое било основано во 1880 година од страна на Шаќир-бег кој живеел во Битола и Дебар, а тука на атарот на соседното село Слатино населил 4 семејства. Чифликот се распаднал веднаш по завршувањето на Првата светска војна, а обработливото земјиште кое зафаќало површина од околу 100 хектари (1 хектар е „три кила семе“) ја купиле жителите на ова и соседните села Слатино и Оздолени.

Во 19 век, Слатински Чифлик се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство.

Во 2013 година, селото се нашло под опасност да биде потопено, откако напукнал земјениот насип на Слатинското Езеро, изградено во 1963 година, кое се наоѓа на само 2 километри од селото.

Според податоците од 1900 година, во селото Слатински Чифлик имало 40 жители, сите Македонци христијани, а во 1905 година во Слатински Чифлик имало 40 жители.

Според пописот од 2002 година, во селото Слатински Чифлик живееле 11 жители, сите Македонци.

Во 2013 година се проценувало дека останале само четворица жители.

Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, во селото живееле следните 14 домаќинства и во секоја куќа имало минимум 6 членови.

  1. Петре Стојаноски (7 членови).
  2. Ристо Стојаноски (10 членови).
  3. Целе Петрески (10 членови).
  4. Арсе Иљоски (8 членови).
  5. Наум Иљоски (9 членови).
  6. Тодор Иљоски (6 членови).
  7. Ристо Војнески (6 членови).
  8. Темелко Китески (9 членови).
  9. Ките Китески (12 членови).
  10. Неде Китески (11 членови).
  11. Ристо Китески (12 членови).
  12. Кочо Трајчески (18 членови).
  13. Темелко Слиоски (9 членови).
  14. Арслан Метоски (7 членови).

Во 2008 година во селото живееле само 3 жители тоа биле: Јордан Кочоски, Божин Петрески и Трајче Китески.Во селото Слатински Чифлик живеат исклучиво родови на Македонци од православна христијанска вероисповед, и тоа: Китевци (слават Митровден) се најстарите доселеници кои дошле од областа Железник (село Брезово), при што најпрвин се населиле во селото Издеглавје, а потоа дошле овде. Се знае следниот родослов: Милан (жив на 65 години во 1971)-Неде-Велјан-Ките, при што споменатиот предок Велјан околу 1880 г. се доселил од Издеглавје во СлатинскиЧифлик; Петревци (слават Свети Никола) се доселиле од Белчишта после Китевци; Иљовци (слават Свети Ѓорѓи) се доселиле од Сошани каде биле старинци, во исто време со Петревци; Србиновци дошле од Сливово во Горна Дебарца во 1922 година.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Слатински Чифлик се:

Китевци , доселени се од селото БрезовоЖелезник во 1840 година, најпрво во Издеглавје, па во селото Слатински Чифлик; Стевчевци или Петревци , доселени се во 1878 година од селото Белчишта, каде припаѓале на родот Стевчевци; Иљовци, доселени се во 1903 година од селото Сошани; Шулевци или Војневци, доселени се во 1903 година од селото Оздолени, каде припаѓале на истоимениот род; Димовци, доселени се во 1920 година од селото Сливово, каде припаѓале на родот Димчевци.

Роми: Таировци , доселени се во 1928 година од селото Оздолени, како ковачи. Пред тоа живееле во селото Оздолени, а уште порано во селото Издеглавје.

Црква „Св. Богородица“ — главна селска црква, изградена во 1997 година

Родот Ратајковци е иселен во Слатино околу 1898 година, Секуловци се иселени во Оровник, а по потекло биле од Лактиње.

Во Охрид и Охридско се иселиле 39 фамилии: од Арсланоски (три фамилии), Војнески (три фамилии), Иљоски (девет фамилиии), Китески (седумнаесет фамилии), Петрески (седум фамилии).

На други места се иселени: Иљоски (девет фамилии во Скопје, и една во Кичево), Китески (две фамилии во Скопје, една во Кичево, една во Подмоље, и една во Кралево), и од Петрески (две фамилии во Струга, и една во Скопје).

Меѓу првите иселеници од ова село се вбројуваат: Славе Петрески (Мучоски) во Струга, Миладин и Трајан Иљоски во Скопје, Круме Китески во Кичево, Душан Китески во Кралево, и Миле Китески, Петре и Иван Иљоски, Ристо Иљоски и Левко Иљоски во населбата Ѓорче Петров (Скопје), и др.

Од Слатински Чифлик, печалбарството помеѓу двете светски војни воглавно се одвивало во Аргентина и САД.

Од селото Слатински Чифлик во Аргентина на печалба заминале:

  1. Јонче Ристов Китески (1925 година) – не се вратил.
  2. Мицко Ристов Китески (1930 година) – не се вратил.
  3. Величе Темелков Димоски – се вратил.
  4. Ламбе Целев Петрески – се вратил.
  5. Тодор Димов Иљоски – се вратил.

Во САД на печалба заминале:

  1. Ристо Вељанов Китески – се вратил.
  2. Јордан Стојанов Петрески – не се вратил.

Во денешно време во странство сигурно се знае дека се наоѓаат следните жители на Слатински Чифлик со нивните семејства.

  1. Арсланоски Дестанов Смаил во Австралија.
  2. Димоски Величев Трајан во Канада.
  3. Иљоски Бошков Драге во Италија.
  4. Иљоски Бошков Тоше во Италија.
  5. Иљоски Миладинов Зоран во САД.
  6. Иљоски Миладинов Благоја во САД.
  7. Китески Радев Илија во Австралија.
Слатино

Слатино

Слатино е село во Општина Дебрца, во околината на градот Охрид.Селото се наоѓа во областа Дебарца, на источните падини на Илинска Планина. Во атарот на селото се наоѓа Слатинско Езеро, кое своето име го добило од името на селото. Низ самото село тече и Слатинска Река, каде се вливаат и одливните води на Слатинското Езеро. Оддалечено е 35 километри од северно Охрид и Струга, а 39 километри јужно од Кичево.

Околни села се Белица и Прострање на исток и североисток, Мраморец на север, Оздолени, Слатински Чифлик и Издеглавје на југозапад и југ, и Арбиново на запад. Поедини места во атарот на селото се викаат Шаркои Ливатки, Длабоки Дол, Арамиско Кланче, Еленски Клајнец, Црбени Клајнци, Волчица, итн.

Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.

Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Издеглавје, во која покрај селото Слатино, се наоѓале и селата Издеглавје, Оздолени, Слатински Чифлик и Сошани. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Слатински Чифлик, во која влегувале селата Издеглавје, Оздолени, Слатино, Слатински Чифлик и Сошани.

Најстар пишан податок за жителите на селото е опширниот пописен дефтер на охридскиот санџак од 1582 година каде е наведено дека Слатино имало 327 жители, сите христијани.[3]

Според податоците од 1900 година, во селото Слатино имало 960 жители, сите Македонци христијани, а вп 1905 година во Слатино имало 1.040 жители.

Според пописот од 2002 година, во селото Слатино живееле 161 жител, од кои 160 Македонци и 1 останат.Бројот на жители е во постојано опаѓање и денес се проценува дека се движи околу 100 жители.

Поголемиот број родови во селото се староседелски и потекнуваат од раселеното село Избишта, кое постоело во атарот на селото.

Староседелски родови се: Угриновци, Стојковци, Томевци, Томановци, Колевци, Џеверовци, Петкуќевци, Мирчевци, Митревци, Костевци, Поповци, Смилевци, Шипинковци и Вељановци. Родовите Угриновци и Стојковци потекнуваат од двајца браќа, во родот Стојковци се знае следната генеологија Дамјан (жив на 75 год во 1980 година) -Златан-Трајче-Дамјан-Стојко. Од неговиот брат Угрин потекнуваат Угриновци. Родовите Томановци и Колевци потекнуваат од ист предок. Во родот Поповци еден предок го носел името Војдан.

Доселенички се родовите: Црвенковци – потекнуваат од предокот Јон кој дошол од сега непостоечкиот град Закамен, кој се наоѓал во струшка Малесија и Ѓоршовци, кои потекнуваат од предокот Ѓоршо кој дошол како домазет во Слатино од селото Цер.

Според истражувањата во 1948 година, родови во селото Слатино се:

  • Староседелци: Костевциили Масовци , се делат на Размовци, Пантовци, Крстевци, Марковци, Мартиновци, Смилевци, Домазетовци и Бавтировци; Србиновци , се делат на Шипинковци и Сучковци; Поповци; Митревци , се делат на Крлевци, Грашаровци и Вељановци; Пројковци, еден дел се викаат Лозановци; Блажевци еден дел од родот се вика Џагаровци; Цветковци; Мојсовци  еден дел од родот се вика Тутунаровци.

Доселеници со непозната старина: Врангаловци – се делат на Николовци и Пушковци; Шуќуровци ; Џаферовци – се делат на Петревци и Филиповци; Томановци; Угриновци – се делат на Ристановци и Стојковци; Банчевци или Пејовци; Ѓуровци -, за нив некој вели дека се доселени од некое село крај Охрид.

Доселени родови со познато потекло: Савевци -доселени се од селото Лин крај Охридско Езеро (денес во Албанија); Црвенковци – еден дел од овој род се вика Букревци, доселени се од сега раселениот град во струшка Малесија Закамен (иако, жителите на овој род мислат дека Закамен се наоѓа во Албанија); Ѓоршовци – се делат на Мирчевци, Андријовци и Томовци, доселени се од селото Цер, Железник; Петкуќевци – доселени се од селото Малкоец, Копачка; Тужаровци – еден дел од родот се вика Коловци, доселени се од селото Коњско, крај Охридско Езеро; Ратајковци- доселени се од селото Слатински Чифлик, а таму се доселиле од селото Оздолени; Климевци – доселени се од селото Елевци, Дебарско, потекнуваат од потурчен Македонец или Турчин, кој кога дошол во селото си ја променил верата во православна.

Роми: Малиќ – доселен од селото Песочани во 1947 година. Иако е Ром се издава за Албанец.

Во село Слатино се следните цркви:

  • Црквата „Св. Недела“, на која се наоѓаат и селските гробишта
  • Црква „Св. Богородица“— средишна парохиска црква, без податоци кога е изградена. Иконите се дело на зографот и иконописецот Аврам Дичов и потекнуваат од 1908 година. Според натписот во поткуполниот простор, црквата е живописана во 1910 година.
  • Црква „Св. Недела“— изградена во 1858 година. Фрескоживописана е од Аврам Дичов во 1875 година.
  • Црква „Св. Јован Крстител“— манастирска црква, осветена на 26 мај 2002 година од страна на Митрополитот Тимотеј. Фреските се изработени од уметникот Драган Ристески од Охрид.

Манастири

  • Слатински манастир— сместен во близина на некогашното езеро, надвор од селото

Езера

  • Слатинско Езеро— некогашно вештачко езеро, изградено на Мраморечка Река

Реки

  • Слатинска Река— река која поминува низ самото село

Во село Слатино манастирска слава е Свети Јован Крстител.Исто така се одбележува и празникот Водици на  19/20 јануари, како и на „машки“ и на „женски“ Водици.

Поради неговата местоположба, во Слатино било присутно печалбарството одамна. Печалбарите претежно заминувале напролет во Влашко, Србија и Бугарија, а се враќале наесен. Најголем печалбарски бран го зафатило селото од 1909 до 1912 година кога проработел прекуокеанскиот пат за Канадаи Аргентина. Во овој бран заминале седумдесет слатинци. Вториот голем печалбарски бран е од 1960 до 1970 година и со помал интензитет трае до денес. Најголем дел од вториот бран се преселени во Австралија, каде се проценува дека има над 120 семејства со потекло од Слатино.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948 година: Мојсовци (1, како домазет во Издеглавје од 1919 година): од Банчевци иселеници има во Прострање (како една куќа од 1890 година): од Ѓоршовци иселеници има во Сошани (1, како домазет од 1920 година): од Тужаровци иселеници има во САД (една фамилија од 1908 година).

Родот Митковци  е иселен во селото Прострање во 1797 година, родот Мирчевци  е иселен во Велмевци на почетокот од 19ти век.

Според податоците од 1998 година, иселеници од Слатино има на следните места: Охрид, Скопје, Струга, Кичево, Прилеп, Битола, Велес, Куманово , Струмица, Белград, Горни Милановац, Загреб, Риека, Марибор и Крагуевац.

 

Сошани

Сошани

Сошани е село во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во околината на градот Охрид.

Селото Сошани се наоѓа во областа Дебарца, сместено во подножјето на Илинска Планина. Од градот Охрид е оддалечено 36 километри, со кои е поврзан со алсфалтен пат.

Сошани има електрично снабдување, поврзано е телефонски, има водовод, селска чешма, а низ него поминува и Сошанска Река.

Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.

Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Издеглавје, во која покрај селото Сошани, се наоѓале и селата Издеглавје, Оздолени, Слатино и Слатински Чифлик. Во периодот 1950-1952 година, селото Сошани се наоѓало во некогашната Општина Слатински Чифлик, во која влегувале селата Издеглавје, Оздолени, Слатино, Слатински Чифлик и Сошани.

Во 19 век, Сошани се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство.

Во Илинденското востание од ова село излегле доста комити (со оглед на големината на селото), помеѓу повлијателните комити од ова село се знаат Димитрија Петрески, Ристо Петрески, Дичо Петрески, Трајче Тодороски, Ристо Андрески, Јане Димитриески, Совран Иљоски, и др. За време на востанието и ова село било запалено, но е непознато поради што.

За време на НОБ селото активно учествувало во борбите против окупаторите, а помеѓу селата Сошани и Велмеј постоела партизанска болница, во НОБ најистакнат деец од ова село бил Вељан Андрески.

Според податоците од 1900 година, во селото Сошани имало 30 жители, сите Македонци христијани а во 1905 година во Сошани имало 24 жители.

Според пописот од 2002 година, во селото Сошани живееле 15 жители, сите Македонци.

Веднаш по завршувањето на Втората светска војна, во селото живееле следните 14 домаќинства:

  1. Паун Тодороски (12 членови).
  2. Вељан Андрески (6 членови).
  3. Ванко Трпески (4 членови).
  4. Вељан Трпески (7 членови).
  5. Крсте Трпески (3 членови).
  6. Димко Трпески (5 членови).
  7. Здраве Петрески (11 членови).
  8. Јордан Петрески (5 членови).
  9. Мице Петрески (3 членови).
  • Ѓоргија Иљоски (15 членови).
  • Јане Петрески (8 членови).
  • Наум Тодороски (9 членови).
  • Дуко Петрески (5 членови).
  • Зубер Фејзулоски (7 членови).

Во 2008 година во селото живееле 11 жители.

Сошани е македонско православно село. Селото е едно од помалите во Дебарца, но не секогаш било така. Народната традиција наведува дека во минатото постоело селото Старо Сошани, кое и е заведено во турскиот пописен дефтер од 1582 година како село во Охридскиот санџак, нахија Дебарца. Но, тоа село пропаднало и еден дел од населението се префрлило и го основало денешното Сошани, а други отишле во селата: Велмеј, Слатински Чифлик, Грко Поле, Лешани, потоа во кичевските села Белица и Прострање, како и во селото Оровник. Тоа Сошани имало 90 домаќинства.

Родовите во Сошани сите се староседелски односно доселени од Старо Сошани. Родови се: Петревци со Димитриевци; Иљовци; Иловска Анѓа(жива 108год.1880-1988)Андреевци; Трпевци  и Тодоровци. Во родот Петревци се знае следната генеологија Трене (жив на 80 год. во 1990 година) Ристе-Димитрија-Петре.

 Во 1948 година, родови во селото Сошани се:

  • Староседелци: Петревци; Иљовци и Андревци и Трпевци.
  • Доселеници: Стевчевци, доселени се во 1922 година од селото Слатински Чифлик, каде имаат истоимени роднини.
  • Роми: Веизовци, доселени се во 1921 година од селото Велмеј, подалечно потекло од Кичево.

Цркви:

  • Црква „Св. Ѓорѓи“— главна селска црква, сместена источно од селото на околу 800 метри, до која води добро тампониран пат. Точната година на изградба не е позната. Црквата е поврзана со електрична енергија и водовод, во склоп на црквата се наоѓаат и селските гробишта. До црквата се наоѓа камбанарија, како и помошни објекти (трпезарија, кујна). Внатрешноста на црквата е со добро сочувани стари икони.
  • Црква „Св. Никола“— осветена на 1 август 2010 година, сместена на околу 300 метри источно од црквата „Св. Ѓорѓи“. Изградена е на стари темели од црква од VI век. Била изградена со сопствени средства од мештаните. Поврзана е со електрична енергија и водовод. Празник на црквата е Св. Никола Талалеј на 2 јуни. Во склоп на црквата се наоѓаат помошни објекти (кујна, трпезарија).

Во постаро време се иселиле во Долно Лакочереј, Матевци или Милевци, Сошанковци во Велмеј, Петревци во Острилци Железник/крушевско, Петревци се иселиле во Грко Поле, Иљовци во Слатински Чифлик, Цветковци се иселени во Оровник. А постари иселеници има и во Белица, Прострање, Орланци, Зајас.

Од после Втората Светска војна иселеници има во Охрид, Скопје (пред сѐ во населбата Ѓорче Петров), Зеница (Босна и Херцеговина), Австралија, Австрија, Германија, Швајцарија.

Од Петревци иселеници има во Оровник од Трпчевци иселеници има во Оровник.

Родот Петревци  се иселил во 1812 година во селото Острилци, крушевско, во Сошани припаѓале на родот Петревци.

 

Оздолени

Оздолени

Оздолени — село во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во околината на градот Охрид.

Според искажувањата на постарите луѓе, селото Оздолени, името го добило според тоа што жителите на ова село се дојдени одоздола, односно од старата локација која се наоѓала на Брест.

Селото Оздолени се наоѓа во Средна Дебарца, на 33 километри северно од градот Охрид, на 4 километри источно од магистралниот пат Охрид-Кичево-Скопје. Селото е сместено на 1.055 метри надморска височина, на западното подножје на Илинска Планина.

Од северната, источната и јужната страна е заградено со ридовите Бошков Рид , Грагорец, Љутики  и Манчев Рид , а од западната страна се простира Оздоленското Поле. Околни села се Слатино и Слатински Чифлик на север и североисток, Издеглавје на запад, Сошани на југоисток, Белчишта на југозапад, и Прострање на исток.

Кај постарите луѓе од селото Оздолени постои предание, кое се пренесувало од колено на колено дека селото порано се наоѓало на Брест. Се мисли дури и дека селото Издеглавје се наоѓало на таа локација, но по некое време се оделило и се преместило на Селиште, што се наоѓа северно од селото Издеглавје. Кога се случило тоа не се знае. Во пописниот дефтер од 1582 година се спомнува под името Издолени со 27 христијански семејства. На денешната локација селото го основале родовите Богдановци, Смилевци, Шишковци и Трпчевци кои дошле од Брест, тие некогаш чинеле еден род, но со тек на време се одродиле.

Селото дало активен придонес и во текот на Втората светска војна, па така постоела група од селани кои го организирале народот тоа биле: Љубе Смилески, Илија Гиноски, Темелко Стојаноски, Трајче Николески, Саве Николески, Најденко Богданоски, Тодор Тодороски, Ристо Смилески и Петре Петрески- Рапо од Слатински Чифлик.

Во 19 век, Оздолени се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство

Според податоците од 1900 година, во селото Оздолени имало 200 жители, сите Македонци христијани. По податоци во 1905 година во Оздолени имало 216 жители.

Родовите во селото се во поголемиот број староседелски, односно доселени од раселеното село Брест.

Родови во селото Оздолени се следните: Шишковци и Богдановци , потекнуваат од ист предок, Трпчевци  и Смилевци , наведените 4 рода се староседелски кои живееле во раселеното село Брест; Гавриловци , Марковци , потекнуваат од заеднички предок, кој дошол од некое село во околината на Пешкопеја, Гроздановци , нема податоци од каде се доселени.

Според истражувањата  во 1948 година, родови во селото Оздолени се:

  • Староседелци: Ѓорговци или Зенговци, се делат на Гавриловци и Струмовци; Богдановци, се делат на Смилевци, Шишковци и Танасковци; Јолевци , Шулевци , Неловци, познати се како и Гроздановци и Трпчевци.
  • Доселеници: Мијовци, доселени се од некое село во Мијачкиот крај.
  • Роми: Демировци, доселени се во 1941 година од селото Белчишта.Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.

Во селото постојат две цркви и тоа:

  • Црква „Св. Ѓорѓи“— главна селска црква, на која се наоѓаат и селските гробишта
  • Црква „Св. Никола“— помала црква во селото.

 Од културни настани во ова село се знае дека е снимена телевизиската серија “Итар Пејо”.

Кога се зборува за спорт во Оздолени пред сe се мисли на фудбалот како најпопуларен спорт. Фудбалот започнал да се игра помеѓу двете светски војни. Секаде каде што настапувал тимот на Оздолени, имал играчи од селото Оздолени, како и нешто од соседните помали села Сошани и Слатински Чифлик.

Во поодамнешно време во селото Осој отишол родот Ширговци, постари иселеници од Оздолени има и во селото Лактиње, Лулевци се иселиле во Издеглавје; Ратајковци од Оздолени се иселиле во Слатински Чифлик, па од таму во Слатино; Неделковци се иселиле во Железнец, Ориѓани се иселиле во Сопотница, Железник околу 1870 година,Пупановци; Сиљановци се иселиле во Манастирско Доленци, Kичевско; Ѓорговци се иселиле во Кадино Село, прилепско околу 1878 година ,Оздоленовци во постаро време се иселиле во Охрид.

Од 1950-тите години оздоленци се отидени по градовите. Иселеници има во Охрид, Скопје, Кичево, Струга, Гевгелија, Ресен, Тетово, Битола, Струмица,и на други места.

Надвор од Македонија највеќе се иселени во Австралија, а други се иселени во Белград, Бугарија, Франција, Германија, Холандија, САД, Швајцарија, Аргентина,Канада.

Од 1961 до 1991 година од селото се отселени преку 300 луѓе.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: од Ѓорговци иселеници има во Кадино Село, прилепско и во Сопотско, Преспа,од Богдановци иселеници има во САД, Бугарија и во Белчишта , од Јолевци иселеници има во Врбјани ,од Шулевци иселеници има во Охрид, од Трпчевци иселеници има во Бугарија,од Мијовци иселеници има во Аргентина.

Неделковци се иселени во селото Железнец, Железник во 1741 година, Ориѓани се иселени во селото Сопотница, Железник во 1870 година.

Печалбарството во Оздолени има долговековна традиција. Првите печалбари се јавуваат некаде кон крајот на XIX век. Тие тогаш оделе на печалба во Влашко и Бугарија, најнапред како сезонски работници, а потоа останувале таму по неколку години, а некои и засекогаш.

 

ОРОВНИК

ОРОВНИК

Оровник — село во југозападниот дел на Македонија, оддалечено на точно 7 км од најпознатите туристички градови во Македонија, Охрид и Струга, расположено точно покрај Охридскиот Аеродром. Селото има погодна местоположба со поглед кон Охридското Езеро, а покрај него поминува еден од најважните магистрални патишта во Република Македонија – патниот правец Охрид-Скопје. Со новата територијална поделба од 2005 година, атарот на селото е поделен на две општини (единици на локална самоуправа) Охрид и Дебрца.

За името Оровник егзистира следново предание. Кога Отоманската империја го зазела овој крај, населението се побунило. За одмазда Турците с. Требеништа го истребиле, с. Горенци го изгореле, а селото Оровник, затоа што водачот на народниот отпор бил од него, го изгореле, а потоа го изорале. Оттогаш селото го носи денешното име, како и соседните села што ги носат тие имиња.

Постои и други кажувања за името. Едното е дека на ова подрачје имало многу ореви од каде што селото го добило името. Другото е дека, село со исто име, Оровник, има на источниот брег на езерото Мала Преспа, во Леринско, Егејска Македонија. И тоа било мала населба која настрадала за време на граѓанската војна во Грција. Неговите жители биле насилно протерани од родните огништа, а подоцна во неговиот атар грчката власт населила бегалци од Пинд, кои дотогаш живееле во с. Винени. Има забележани искажувања дека првите во Оровник биле доселени од леринското село Оровник и затоа на новата населба и го дале истото име, Оровник. Ова како и претходните искажувања досега не се научно докажани. Оровник е стара македонска населба. До 1953 година било стуткано на падините од Чука и Св. Петка со сосема мал број на куќи под селската црква.

Општествениот живот во тоа време главно се одвивал кај чешмата, на сретсело, во продавницата, во Управата, младинскиот дом, во црквата и кај ковачницата. Ширењето на селото започна во 1954 година , после поројните дождови и поплавата. Денес селото Оровник е современа населба. Исполнет е просторот од Горна Маала па се до магистралниот пат Охрид – Кичево. Сите Улици низ селото се асфалтирани, има водовод, а во тек е поставувањето на канализациона мрежа која ќе го поврзе Оровник во колекторскиот систем.

Подрачјето на КО Оровник не е досега систематски испитувано и не се вршени специјални ископувања. При случајни ископи најдени се остатоци од предмети и некрополи. Во непосредна близина се локалитетите Горенци и Требеништа. На југоисток од оровничкиот синор, до манастирот Св. Еразмо се протегала населба или повеќе населби под името Хермелеја, од која се регистрирани локалитетите: Свети Еразмо, Габавски Рид, Чекоштина, Патерица и Козлук. Меѓу овие два простора, Горенци – Хермелеја не можело да нема живот, односно населби. Присутно е преданието дека од месноста Кулиште во Оровник, па се до Градиште, Требенишко Кале постоел пат кој поминувал: Кулиште – Тројанско Поле – Тројани – Чука – Градиште. И денес има контури од тој пат. Од предметите при случаен наод во 1958 год над самото село во Заводот за заштита на спомениците од културата и Народниот музеј од Охрид е регистрирана една обетка која потекнува од VII и VIII век. Северозападно од селото, во долот Лескоец на неколку места се регистрирани керамички цевки кои се поставувани во правец кон изградените терми. Во месноста Под Лозја, на самата раскрсница на патот Кичево – Охрид и селскиот пат од с. Оровник за с. Мислешево во 1957 год откриена е Илирска некропола. Во локалитетот Селиште на 2,5 км југоисточно од Оровник има купишта од камења од објекти, како и остатоци од два бунари за вода. Во југозападниот дел на овој локалитет има остатоци од едно – корабна црква со ѕидови широки 90 см. Јужно од црквата се протегала некропола која датирала од Средниот развиен век. Меѓу населението од Оровник кружи предание дека токму тој локалитет било старото Оровник, а има и свое предание како било уништено. На овој локалитет во 1953 година пронајден е прстен од месинг. Во локалитетот Корија – Манастириште, кој се наоѓа на 1 км источно од селото Подмолје има остатоци од сакрална градба и оградено е со суви ѕидови што наведува на тоа дека се работи за манастирски комплекс.

Локалитетот Тројани се наоѓа во подножјето на Тројанска Чука, одалечено 2,5 км источно од Оровник. Месноста е котлина во која било поранешното село Тројани. Таму се и изворите од каде селото Оровник се снабдува со вода за пиење. Северно од изворите се наоѓа некропола од античкиот период. Во 1958 год откриени се неколку гроба во кои се пронајдени една кама и грниња. На локалитето Вишово има остатоци од камења, а во 1938 биле пронајдени повеќе гробови. Карактеристична архитектура за Оровник е куќа со приземје, ќерал, и еден кат. Во приземјето била сместувана стоката, просторијата за стоката се вика пондила, зимницата, дрвата за огрев, алатите за работа, со еден збор како магацин. На катот има две или повеќе простории и голем чардак. Во една од просториите задолжително има огниште. Тука се приготвувало јадењето, се обработувало млекото, се јадело и служело за дневен престој. Другите простории или одаи биле за спиење, спални соби. Подот од катот е послан со дрвени платици, а преку нив е послана земја, а поретко биле ставани подови од јасикови штици. Чардаците се големи, заградени со штици. На нив или под нив, во ајатот, се чувало есенското семе, пченка, тикви , кромид, суви пиперки итн. Летно време луѓето на чардакот се одморале за време на пладневниот одмор. Внатрешната фасада е од кал, а поретко од вар и песок. Тоалета нема во внатрешноста на куќите. Од градежен материјал се користи: камења за темелите и цоклето, поретко целото приземје, плиќе – тули од кал, дрво, покрив од слама ‘ржаница или со турски ѓерамиди. Асеизмички куќите биле зајакнати со дрвени појаси, отприлика на секој метар височина и поврзување на гредите, чатмите и диреците со дрвени чивии. Близу до куќата има плевна и кошара, пред кои има големо гумно. Современата архитектура во Оровник датира од 1963 година навака. Народната носија во оровник и Подмолје е иста како и во соседните села Горенци, Требеништа, Мешеишта, Волино и Мислешево. Таа е иста со носиите на Струшките полски села. Особено богата е женската носија. И машката и женската носија се изработени од домашна рачна изработка од: платно, клашни и предива. Машката носија се состои од: бечви, џамадан и шут џамадан, сите во природни бои, исто како материјалот. Рабовите од облеката и другите честоупотребувани делови, како џебовите и околу вратот се украсуваа со гајтан или со оптока од волна. За зимно време се употребувало и гунче, а за сточарите гуна. Како обувки се користеле опинци од свинска кожа, волнени чорапи, а зиме објала. Преку половината мажите носат широк шарен, најчесто црвено-бел, појас кој на краевите завршува со реси. Капите порано биле округли, а потоа се заменети со капи со качкет. Женската народна носија се состои од: здолница, кошула, елек, ракави, клашеник, појас, поманики, скутина, туљбен, марама, шамија, сокајче, чорапи и опинци. И оваа носија е рачно изработена и украсена со народни мотиви.

Во с.Оровник се следниве цркви:

Црквата св.Илија -Црквата се наоѓа на Средсело. Црквата е посветена на пророк Св. Илија, а е изградена во 1927 година. Подигната е на темелите на стара црква која била изградена во „турско време“, а била, во сводот, три скали под површината на земјата.Изградена е за 700 златници, наполони, а ја граделе мајстори од с. Вевчани. Фреските и живописот се дело на зографот Доне Донески. Осветувањето на црквата е извршено во 1929 година.Црквата за своите потреби и потребите на верниците има современа трпезарија во кругот на црквата. Црквата е отворена за верниците секоја недела и за верските празници. Богослужба има за Илинден и поголемите верски празници, како што се Божик, Водици, Велигден и др. Традиционално секоја година на празникот Водици, во водите на Охридското езеро, кај Оровничка плажа, се фрла крстот.

Манастир Св. Петка-Од памтивек малото изворче кое се наоѓа во шумата на Св. Петка го носи нејзиното име. Оровничани од секогаш оделе таму и оставале подароци. Во почетокот на 80-тите години од минатиот век по иницијатива на оровничанката Цара Ѓорѓиевска, подигнат е привремен објект на манастирот и извршено е каптирање на лековитата вода од малото изворче.

Денес благодарение на сестраната помош од: жителите на село Оровник, помошта од верниците од околните села и градови, од нашите сонародници од европските и прекуокеанските земји, од многуте спонзори, од фирми и општините Охрид, Струга и Дебарца, направено е многу. Изградени се манастирска црква и конаци, асфалтиран е патот од с. Оровник до манастирот Св. Петка во должина од 1,5 км., донесена е вода за пиење од водоводниот систем „Тројани“, средена е околината околу црквата и конаците итн. Осветувањето на манастирската црква е извршено на празникот Св. Петка, на 08 август 1999 година. Осветувањето го изврши Архиепископот на Дебарско-кичевската епархија г-дин Тимотеј со своите свештено служители. Во манстирот од неговото осветување постои и „Појас“ кој го носат жените кои не можат да имаат пород. До денес многу жени го добиле своето чедо благодарение на Светиот Појас од манастирот Св. Петка од с. Оровник. Богослужба во манастирот Св. Петка има на ден 08 август, на празникот Св. Петка. На овој ден има и голем Црквено-народен собир, а манастирот за сите посетители дава ручек.

Манастирот Св. Недела-Во местото викано „Капеш“, веднаш над селото Оровник, на патот кој води за „Тројанско поле“ и соседното село Лакочереј, се наоѓа месноста „Лекојта Вода“. На ова место од памти век постои изворче со лековита вода, богата со минерали. Ова место уште од порано меѓу населението било познато како „Св. Недела“.

Во 90-тите години од минатиот век, на иницијатива од оровничанецот Крсте Б. Нелоски Богослужба има за празникот Св. Недела, на 20 јули секоја година. Спроти празникот Св. Недела, вечерта на „заслогот“ има голем Црквено – народен собор, кој секоја година е посетен од многубројни верници од целата држава. На самиот празник, на Св. Недела, 20 јули, има богослужба, а манастирот за сите посетители дава ручек

Светиот крст-Во месноста „Умалиште“, помеѓу двата селски пата кои водат, едниот кон аеродромот и другиот кон месноста „Лескоец“, на самата ширина, во 2000 год (27 септември 2000 год.), на почетокот на Новиот милениум и 2000 години од Христијанството, подигнат е „Свет Крст“. По иницијатива на оровничаните, браќата Богоја, Душан и Иван (Сидорови) Јолакоски заедно со својата фамилија, потпомогнати од жители на с. Оровник и верници од околните места подогнат е околу 10 метри висок крст од метална конструкција. Крстот е осветлен, така што тој ноќе може да се забележи од магистралниот пат Охрид- Кичево, од соседната Струга и од селата во Струшкиот регион. Светиот Крст е посветен на „Воздвижение на Светиот Крст“. Осветувањето на „Светиот Крст“ е извршено на 27 септември 2001 год. Осветувањето го изврши митрополитот Дебарско – Кичевски г. Тимотеј, со своите свештено служители. Богослужба има на празникот Крстовден на 27 септември. На овој празник секоја година оровничани и останатите посетители го посетуваат Светиот Крст на церквено-народен собир, каде што „Светиот Крст“ дава мала закуска за сите посетители

Св. Никола – Чекоштина

Параклис поставен во месноста „Чекоштина“ во место викано „Карпа“ до локалитетот „Козлук“. Постои иницијативен одбот за изградба на комплетен храм посветен на Св. Никола.

Според пописот од 2002 година, во селото Оровник живеат 440 жители, сите Македонци.

Селото Оровник е македонско православно село. Сите родови во селото се доселенички, најстари родови во селото се Мијаковци и Неловци кои се доселиле во ХVIII век, потоа дошле и други.

Родови во Оровник се:

  • Мијаковци-доселени се од мијачкиот крај, поточно од селото Галичник, од Галичник тие најпрво дошле во некое село во Дебарца, па потоа дошле во Оровник;
  • Неловци- доселени се од селото Лактиње, во Лактиње дошле од селото Присовјани, а во Присовјани од каде дошле не се знае точно, прв кој дошол во Оровник бил Нело и по него цел род е Неловци;
  • Цветковци- доселени се од селото Сошани, Дебарца, во овој род се знае следната генеологија Владо (жив на 52 год. во 1980 година) Атанас-Трифун-Мирче-?-Цветко кој се доселил, тие имаат роднини во селото Сошани;
  • Јолаковци- доселени се од селото Коњско ја знаат следната генеологија Живко (жив на 31 година во 1980 година) Илија-Димитрија-Јолак предокот кој се доселил;
  • Даљчевци- доселени се од селото Злести, Дебарца;
  • Митревци- доселени се околу 1950 година од селото Слатино, Дебарца;
  • Бомболовци- и Таневци- некогаш чинеле еден род, брачни врски и сега нема помеѓу овие два рода, доселени се од селото Лин, Албанија, во селото Ливоишта имаат роднини Трифуновци;
  • Секуловциили Бамболовци -доселени се од некое село во околината на Лерин, од Леринско најпрво се населиле во селата Лактиње и Слатински Чифлик, во Слатински Чифлик останал еден дел од родот од нив таму се Китевци.
  • Мартиновци- доселени се од преспанското село Герман, тие од Герман најпрво се населиле во Ѓавато, таму останува дел од родот, а другиот отишол поназапад, тие од Ѓавато најпрво се населиле во Црвена Вода, од Црвена Вода отишле во Орман, а од Орман се населиле во Оровник, најстара личност за која се знае е Ристо; и
  • Мојсовциили Лошковци – по потекло се од Дебарско, од Дебарско најпрво отишле во Струшка Малесија, а од таму во Лешани, од Лешани во Подмоље и на крај околу 1912 година се населиле во Оровник.

Основно училиште „Дебарца“ до V одделение, подрачно училиште на ОУ „Дебрца“ – Белчишта.

 

Големина на Фонт
Контраст