Mar 21, 2023
На ден 23 март 2023 година во организација на Здружението за екологија и туризам “Екотуризам 2016” ќе се одржи работилница: донесување на одлуки со примена на концептот на екосистемски услуги.
Работилницата е во рамките на проектот „Екосистемски услуги од Белчишко Блато и еколошка едукација“ (Belchishta Wetland Ecosystem Services & Environmental Education (BW-ESEE)“, кој започна на 1 декември 2022 г. и ќе трае до 1 октомври 2023 г.
Целта на проектот е да ги идентификува најзначајните екосистемски услуги кои се добиваат од блатото, за да се интегрираат во донесувањето одлуки за негово управување и заштита. Проектот е финансиран од Партнерскиот фонд за критични екосистеми (Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF), кој го препозна блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата од нашата држава
Дневен ред
Mar 13, 2023
Општина Дебрца во рамките на проектот “ Зајакнување на општинските совети“ кој го реализираат Програма за развој на Обединети Нации – УНДП, Швајцарска влада, Министерство за локална самоуправа, во соработка со Општина Дебрца, започна со реализација на Проектни форуми во заедницата.
Ви благодариме за присуството и активното учество во првата форумска сесија.
Втората форумска сесија ќе се одржи на 15.03.2023 (среда) со почеток во 10:00 часот, во просториите на ООУ „Дебрца“ с. Белчишта.
Вашето присуство на втората форумска сесија е многу значајно за успешноста на форумот, бидејќи на втората сесија ќе се дискутираат концептите на проектите во кои се содржани решенијата на идентификуваните проблеми од првата форумска сесија.
Прилог: Дневен ред
Со почит:
Градоначалник на Општина Дебрца
Зоран Ногачески
Dec 9, 2022
Денес (09/12/22, Петок) во општина Дебрца, градоначалникот Зоран Ногачески оствари работна средба со Министерот за животна средина и просторно планирање г-дин Насер Нуредини.
За време на средбата градоначалникот Ногачески, го информираше министерот за текот на активностите од спроведувањето на еден од позначајните проекти, на територијата на општина Дебрца и воопшто во Охридскиот регион, заштитен од УНЕСКО , “Реставрација на река Сатеска и пренасочување во нејзиното природно речно корито.”
Со проектот се предвидува реставрирање на природното речно корито на река Сатеска со цел да се пренасочи најчесто повторуваниот протек од 15 m3 /s во нејзиното природно корито, што се влева во река Црн Дрим и заштита и намалување на таложењето на наносот во речното корито, со предвидување на антиерозивни мерки и таложник за собирање на наносот.
Се дискутираше и за изнаоѓање решение и дополнителни средства за целосно расчистување на речното корито низ територија на општина Струга, до влевање на реката Сатеска во Црни Дрим.
Исто така министерот имаше можност и од блиску, теренски, да го види досега сработеното.
За потсетување, решавањето на проблемот со река Сатеска е нотиран во 19-те препораки на Реактивната мисија на УНЕСКО за Охридскиот регион.
Од тие причини, преземањето на конкретни активности, макар за почеток и парцијални за решавање на проблемот со река Сатеска е чекор напред во исполнувањето на препораките за зачувување на заштитениот статус на Охридскиот регион.
Проектот се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите Нации ( УНДП ) и Министерството за животна средина и просторно планирање, урбанистичко планската документација ја донесе општина Дебрца, средствата се обезбедени од Фондот за адаптација во рамките на регионалниот проект за и прекугранично управување со ризици од поплави во сливот на река Дрим, изведувач на работите е “Маркоски К 73 “ ДООЕЛ Струга, а според договорот работите треба да завршат до месец Март 2023 година.
Dec 8, 2022
Денес градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески во управната зграда на Пивара Скопје / Pivara Skopje беше дел од промоцијата на новата долгорочна платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“ во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, Пакомак и други поддржувачи. Главната цел на оваа платформа е заштита на животната средина со фокус на чистењето од отпад на националните обележја и заштита од загадување.
Првата фаза на реализација на целите на платформата „Наша гордост. Наша одговорност.“ , опфаќа повеќе активности за чистење и заштита на Охридското Езеро, со целосна поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, Пакомак, општините Охрид, Струга и Дебрца, нуркачките клубови Амфора и Акватек, волонтерите од Пивара Скопје и Мен анд Маунтаин.
Во акцијата за најава на платформата беа исчистени над 100.000 метри квадратни површина од отпад од дното и крајбрежјето на Охридското Езеро.
За наредната година планирани се уште неколку акции за чистење, како и активности за пошироко вклучување на заедницата, за јакнење на свесноста и заштита на националната гордост – Охридското Езеро.
Dec 6, 2022
Врз основа на член 81 став 8 од Законот за животна средина (“Службен весник на Република Македонија” бр. 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 44/2015, 129/2015, 9/2016 и 99/2018) Министерството за животна средина и просторно планирање донесе РЕШЕНИЕ со кое се утврдува потребата од оценка на влијание на проектот: ‘’Реставрација на река Сатеска и пренасочување во нејзиното природно речно корито’’. Решението може да се симне тука.
Dec 2, 2022
Над 100 волонтери Пиварци, претставници од општините Охрид, Струга и Дебрца, Црвен крст Охрид, нуркачките клубови Амфора и Акватек, денеска го исчистија дното и крајбрежјето Охридското Езеро на 7 локации.
Во рамки на акцијата која беше организирана од Пивара Скопје преку брендот СКОПСКО, а поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање и Пакомак, беше собран отпад на вкупна површина од 100.000 метри квадратни.
„Брендот Скопско секогаш го поддржува она што е суштински значајно и автентично за нашата заедница. Како еден од најстарите македонски брендови чувствуваме дека е нашa одговорност да се вклучиме и да придонесеме кон истата, со особен фокус на заштита на животната средина и активно да делуваме за зачувување на нашите природни и културни богатства, како што е Охридското Езеро. Ова е воедно и повик до сите да ја разберат улогата и одговорноста која ја имаат во заштита на овие национални обележја на кои сме горди. Оваа акција е само вовед во долгорочната платформа за заштита на животната средина која Скопско наскоро ќе и ја претстави на јавноста. “ – изјави Марта Завкова, сениор бренд менаџерка за Скопско во Пивара Скопје.
Општина Охрид како и досега ја поддржа оваа акција и вети дека и во иднина ќе се вклучи во ваквите еколошки акции и ќе даде поддршка на сите проекти кои се поврзани со заштита на природното богатство. “Она што сме го добиле како најскапоцен подарок од природата, а светот го вреднува како светско наследство, обврзани сме да го заштитиме и да го сочуваме за идните генерации“ – изјави градоначалникот на општина Охрид Кирил Пецаков.
Градоначалникот на Струга, Рамис Мерко ги повика стружани заеднички да ја чуваат околината и да обезбедат чиста и здрава животна средина. „Задоволство ми е што денеска сум дел од ваква еколошка акција и соработка. Нашиот град се познава по убавата природа, чистиот воздух и животната средина, но ова не значи дека ние и понатаму не треба да вложуваме и да се трудиме за подобра иднина,“ изјави Мерко.
„Дебрца иако рурална општина, преставува значајна алка со подеднаква одговорност во заштитата на нашиот бисер, Охридското Езеро. И најголемиот слив на Охридското Езеро, сливот на реката Сатеска започнува и завршува во Дебрца и затоа не случајно е дел од природното и културно наследство во регионот заштитено од УНЕСКО“ вели Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебарца. „Се надевам дека ваквите еко-активности со кои во голема мера придонесуваме во заштита на животната средина ќе останат добра пракса и во иднина.“

Подводно, езерото се чистеше на неколку локации: Заливот на коските, Градиште и вливот на реката Сатеска, со посебен акцент на местата каде се мрести охридската пастрмка. Никола Паскали од нуркачкиот клуб Акватек од Охрид изјави – „Ја поздравуваме организацијата на што повеќе вакви акции зошто веруваме дека помагаат да се подигне свесноста и чувството за одговорност на секој индивидуално за вклучување, но не само за чистење туку и за заштита и соодветно отстранување на отпадот. Охридското Езеро е гордост на сите во земјата и мораме да го зачуваме и заштитиме.“
Поддршка во реализација на оваа акција дадоа од Мен енд Маунтаин кои ја потенцираат ургентноста од делување и значењето кое го имаат овие акции за чистење на животната средина, но и за јакнење на свесноста за одговорноста на секој поединец.