Select Page
Работилница : Донесување одлуки со примена на концептот на екосистемски услуги

Работилница : Донесување одлуки со примена на концептот на екосистемски услуги

На ден 23 март 2023 година во организација на Здружението за екологија и туризам “Екотуризам 2016” ќе се одржи работилница:  донесување на одлуки со примена на концептот на екосистемски услуги.

Работилницата е во рамките на проектот „Екосистемски услуги од Белчишко Блато и еколошка едукација“ (Belchishta Wetland Ecosystem Services & Environmental Education (BW-ESEE)“, кој започна на 1 декември 2022 г. и ќе трае до 1 октомври 2023 г.

Целта на проектот е да ги идентификува најзначајните екосистемски услуги кои се добиваат од блатото, за да се интегрираат во донесувањето одлуки за негово управување и заштита. Проектот е финансиран од Партнерскиот фонд за критични екосистеми (Critical Ecosystem Partnership Fund (CEPF), кој го препозна блатото како вреден и најзачуван блатен екосистем на територијата од нашата држава

Дневен ред

Покана за втора форумска сесија од проектот ” Зајакнување на општинските совети“

Покана за втора форумска сесија од проектот ” Зајакнување на општинските совети“

Општина Дебрца во рамките на проектот “ Зајакнување на општинските совети“ кој го реализираат Програма за развој на Обединети Нации – УНДП,  Швајцарска влада, Министерство за локална самоуправа, во соработка со Општина Дебрца, започна со реализација на  Проектни форуми во заедницата.

Ви благодариме за присуството и активното учество во првата форумска сесија.

Втората форумска сесија ќе се одржи на 15.03.2023 (среда) со почеток во 10:00 часот, во просториите на ООУ „Дебрца“ с. Белчишта.

Вашето присуство на втората форумска сесија е многу значајно за успешноста на форумот, бидејќи на втората сесија ќе се дискутираат концептите на проектите во кои се содржани решенијата на идентификуваните проблеми од првата форумска сесија.

Прилог: Дневен ред

                         Со почит:

Градоначалник на Општина Дебрца

Зоран Ногачески

Mинистерот за ЖСПП г-дин Насер Нуредини, оствари работна средба со градоначалникот Ногачески

Mинистерот за ЖСПП г-дин Насер Нуредини, оствари работна средба со градоначалникот Ногачески

Денес (09/12/22, Петок) во општина Дебрца, градоначалникот Зоран Ногачески оствари работна средба со Министерот за животна средина и просторно планирање г-дин Насер Нуредини.
За време на средбата градоначалникот Ногачески, го информираше министерот за текот на активностите од спроведувањето на еден од позначајните проекти, на територијата на општина Дебрца и воопшто во Охридскиот регион, заштитен од УНЕСКО , “Реставрација на река Сатеска и пренасочување во нејзиното природно речно корито.”
Со проектот се предвидува реставрирање на природното речно корито на река Сатеска со цел да се пренасочи најчесто повторуваниот протек од 15 m3 /s во нејзиното природно корито, што се влева во река Црн Дрим и заштита и намалување на таложењето на наносот во речното корито, со предвидување на антиерозивни мерки и таложник за собирање на наносот.
Се дискутираше и за изнаоѓање решение и дополнителни средства за целосно расчистување на речното корито низ територија на општина Струга, до влевање на реката Сатеска во Црни Дрим.
Исто така министерот имаше можност и од блиску, теренски, да го види досега сработеното.
За потсетување, решавањето на проблемот со река Сатеска е нотиран во 19-те препораки на Реактивната мисија на УНЕСКО за Охридскиот регион.
Од тие причини, преземањето на конкретни активности, макар за почеток и парцијални за решавање на проблемот со река Сатеска е чекор напред во исполнувањето на препораките за зачувување на заштитениот статус на Охридскиот регион.
Проектот се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите Нации ( УНДП ) и Министерството за животна средина и просторно планирање, урбанистичко планската документација ја донесе општина Дебрца, средствата се обезбедени од Фондот за адаптација во рамките на регионалниот проект за и прекугранично управување со ризици од поплави во сливот на река Дрим, изведувач на работите е “Маркоски К 73 “ ДООЕЛ Струга, а според договорот работите треба да завршат до месец Март 2023 година.

Промоција на новата долгорочна платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“

Промоција на новата долгорочна платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“

Денес градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески во управната зграда на Пивара Скопје / Pivara Skopje беше дел од промоцијата на новата долгорочна платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“ во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, Пакомак и други поддржувачи. Главната цел на оваа платформа е заштита на животната средина со фокус на чистењето од отпад на националните обележја и заштита од загадување.

Првата фаза на реализација на целите на платформата „Наша гордост. Наша одговорност.“ , опфаќа повеќе активности за чистење и заштита на Охридското Езеро, со целосна поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, Пакомак, општините Охрид, Струга и Дебрца, нуркачките клубови Амфора и Акватек, волонтерите од Пивара Скопје и Мен анд Маунтаин.

 

Во акцијата за најава на платформата беа исчистени над 100.000 метри квадратни површина од отпад од дното и крајбрежјето на Охридското Езеро.

 

За наредната година планирани се уште неколку акции за чистење, како и активности за пошироко вклучување на заедницата, за јакнење на свесноста и заштита на националната гордост – Охридското Езеро.

РЕШЕНИЕ со кое се утврдува потребата од оценка на влијание на проектот: ‘’Реставрација на река Сатеска и пренасочување во нејзиното природно речно корито

РЕШЕНИЕ со кое се утврдува потребата од оценка на влијание на проектот: ‘’Реставрација на река Сатеска и пренасочување во нејзиното природно речно корито

Врз основа на член 81 став 8 од Законот за животна средина (“Службен весник на Република Македонија” бр. 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 44/2015, 129/2015, 9/2016 и 99/2018) Министерството за животна средина и просторно планирање донесе РЕШЕНИЕ со кое се утврдува потребата од оценка на влијание на проектот: ‘’Реставрација на река Сатеска и пренасочување во нејзиното природно речно корито’’. Решението може да се симне тука.

Скопско, Пиварци и општините во заедничка акција исчистија дел од Охридското Езеро

Скопско, Пиварци и општините во заедничка акција исчистија дел од Охридското Езеро

Над 100 волонтери Пиварци, претставници од општините Охрид, Струга и Дебрца, Црвен крст Охрид, нуркачките клубови Амфора и Акватек, денеска го исчистија дното и крајбрежјето Охридското Езеро на 7 локации.

 

Во рамки на акцијата која беше организирана од Пивара Скопје преку брендот СКОПСКО, а поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање и Пакомак, беше собран отпад на вкупна површина од 100.000 метри квадратни.

 

„Брендот Скопско секогаш го поддржува она што е суштински значајно и автентично за нашата заедница. Како еден од најстарите македонски брендови чувствуваме дека е нашa одговорност да се вклучиме и да придонесеме кон истата, со особен фокус на заштита на животната средина и активно да делуваме за зачувување на нашите природни и културни богатства, како што е Охридското Езеро. Ова е воедно и повик до сите да ја разберат улогата и одговорноста која ја имаат во заштита на овие национални обележја на кои сме горди. Оваа акција е само вовед во долгорочната платформа за заштита на животната средина која Скопско наскоро ќе и ја претстави на јавноста. “ – изјави Марта Завкова, сениор бренд менаџерка за Скопско во Пивара Скопје.

 

Општина Охрид како и досега ја поддржа оваа акција и вети дека и во иднина ќе се вклучи во ваквите еколошки акции и ќе даде поддршка на сите проекти кои се поврзани со заштита на природното богатство. “Она што сме го добиле како најскапоцен подарок од природата, а светот го вреднува како светско наследство, обврзани сме да го заштитиме и да го сочуваме за идните генерации“ – изјави градоначалникот на општина Охрид Кирил Пецаков.

 

Градоначалникот на Струга, Рамис Мерко ги повика стружани заеднички да ја чуваат околината и да обезбедат чиста и здрава животна средина. „Задоволство ми е што денеска сум дел од ваква еколошка акција и соработка. Нашиот град се познава по убавата природа, чистиот воздух и животната средина, но ова не значи дека ние и понатаму не треба да вложуваме и да се трудиме за подобра иднина,“ изјави Мерко.

 

„Дебрца иако рурална општина, преставува значајна алка со подеднаква одговорност во заштитата на нашиот бисер, Охридското Езеро. И најголемиот слив на Охридското Езеро, сливот на реката Сатеска започнува и завршува во Дебрца и затоа не случајно е дел од природното и културно наследство во регионот заштитено од УНЕСКО“ вели Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебарца. „Се надевам дека ваквите еко-активности со кои во голема мера придонесуваме во заштита на животната средина ќе останат добра пракса и во иднина.“

Подводно, езерото се чистеше на неколку локации: Заливот на коските, Градиште и вливот на реката Сатеска, со посебен акцент на местата каде се мрести охридската пастрмка. Никола Паскали од нуркачкиот клуб Акватек од Охрид изјави – „Ја поздравуваме организацијата на што повеќе вакви акции зошто веруваме дека помагаат да се подигне свесноста и чувството за одговорност на секој индивидуално за вклучување, но не само за чистење туку и за заштита и соодветно отстранување на отпадот. Охридското Езеро е гордост на сите во земјата и мораме да го зачуваме и заштитиме.“

 

Поддршка во реализација на оваа акција дадоа од Мен енд Маунтаин кои ја потенцираат ургентноста од делување и значењето кое го имаат овие акции за чистење на животната средина, но и за јакнење на свесноста за одговорноста на секој поединец.