Mar 14, 2019
Во организација на Археолошкиот музеј на Република Македонија, синоќа во Скопје беше отворена ексклузивната изложба „100 години Требениште“, по повод еден век од истражувањата на овој локалитет.

Во рамките на изложбата беа претставени златните маски од 6 век пр. н. е. пронајдени во некрополата кај охридско Требениште, а за оваа пригода ќе бидат донесени и артефактите што ги поседуваат музеите од Србија и од Бугарија. Ќе бидат прикажани над 400 артефакти од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло.

– Нема зборови со кои можам да Ви го опишам чувството кога поминувате покрај артефактите од исклучително богатата некропола од 6 век пред нашата ера, а притоа знаете дека се работи за археолошко наследство пронајдено токму тука, околу сите нас, наследство кое сведочи за една исклучителна цивилизација која живеела на овие простори каде што денес ние живееме. И посебно Ве прави горд тоа што токму тоа наше, денес му припаѓа на светот. Митот и загатката за нашето Требеништа се` уште трае. Приказната за Требеништа не е завршена. Таа допрва ќе треба да се демистифицира, отплеткува, допишува и прераскажува. И со право можам да кажам, дека Требеништа е нешто најдоброто што ни се случило, нешто највредното што сме и` го дале на светската археологија и цивилизација. Требеништа вечерва на едно место обедини три балкански држави. Да посакаме таа обединувачка енергија да продолжи да се шири насекаде по светот, порача градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески.

По претставувањето во Скопје, изложбата ќе гостува и во Софија и во Белград, а потоа и во Европа. Интерес за изложбата има во Париз, Берлин, Виена и во Загреб. Изложбата е заеднички проект на Археолошкиот музеј на Македонија, Народниот музеј од Белград, Националниот археолошки институт и музеј од Софија и Заводот и музеј од Охрид.


Трите матични археолошки музејски институции од Македонија, Србија и од Бугарија со овој проект ќе ја одбележат стогодишнината од откривањето на локалитетот Требениште кај Охрид, со случајниот пронајдок на 20 март 1918 година.
Автори на изложбата се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. Таа е придружена и со каталог со 408 страници со текстови од 26 автори – музејски работници од трите држави, како и од Чешка и од Германија. Содржи детални податоци за секој од експонатите, за историјатот на откривањето и истражувањата, географијата и историографските податоци за носителите на требенишката култура и регионот во архајскиот период, како и за типолошко-стилските одлики на наодите.
Mar 14, 2019
Денес градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачески оствари работна средба со професорот Митја Гуштин од Словенија и професори од Институтот за Историја на уметност со археологија за ревитализација и афирмација на археолошкиот локалитет Требеништа. На средбата беше истакнато културолошкото значење на локалитетот односно дефинирање на планот за истражување во 2019 година поддржан од општина Дебрца.
Mar 10, 2019
Врз основа на член 39 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ”, број 5/2002) и член 22, став 2 од Статутот на општината Дебрца (“Службен гласник на општината Дебрца”, број 3/2005), донесувам:
Р Е Ш Е Н И Е
за свикување на 21-та седница на Советот на општината Дебрца
Ја свикувам 21–та седница на Советот на општината Дебрца. Седницата ќе се одржи на ден 15.03.2019 година (петок), со почеток во 13.00 часот, во салата за седници на Советот на општината Дебрца.
За седницата се предлага следниот:
Д Н Е В Е Н Р Е Д
- Усвојување на Записникот од 20-та седница на Советот на општина Дебрца
- Предлог – Одлука за усвојување на Извештајот за остварување на Буџетот на општината Дебрца за периодот од 01.01.2018 до 31.12.2018 година
- Предлог – Одлука за усвојување на Завршна сметка на Буџетот на Единицата на локалната самоуправа Дебрца за 2018 година
- Предлог – Годишна програма за изменување и дополнување на Годишната програма за активностите на општина Дебрца во областа на социјалната и здравствената заштита во 2019 година
- Предлог – Годишна програма за решавање на проблемот со бездомните животни на подрачјето на општина Дебрца
- Предлог – Годишна програма за организирање на јавни работи и работно ангажирање на невработени лица во општина Дебрца за 2019 година
- Предлог – Одлука за долгорочно домашно задолжување на општина Дебрца во рамките на проектот за подобрување на општинските услуги (MSIP) 2
СОВЕТ НА ОПШТИНА ДЕБРЦА
Претседател,
Петре Голабоски
Mar 8, 2019
Почитувани сограѓанки, припаднички на понежниот пол,
Од срце Ви го честитам денешниот Ден, 8-ми Март, Денот на кој традиционално изразуваме благодарност и почит кон жените, Денот кој не потсетува на големите и храбри жени кои низ историјата се бореа за рамноправност, за она елементарно, во човечка и цивилизациска смисла, а кое многу често им било ускратено и одземено.
Денеска е друго време, многу работи цивилизацијата ги измени, многу грешки поправи, меѓутоа борбата сеуште трае.
На многу подрачја и денес треба да се бориме за вистинско вреднување на положбата и улогата на жените во современото општество. Со тие предизвици посебно е соочена руралната жена.
А повеќе жени во сите подрачја, посебно во оние во кои се управува со општеството само ќе придонесе овој свет да биде подобар, потолерантен и посреќен.
Со таа мисла посакувам Денот на жените уште повеќе да не поттикне секој ден во годината да го посветиме на рамноправноста, толеранцијата, солидарноста и општото добро.
Не заборавете, никој доброволно не се откажува од моќта, никој нема да Ви ја подари рамноправноста, за неа треба секојдневно да се борите, а општината и државата ќе бидат толку јаки колку што сте Вие силни, слободни, почитувани.
Бидете среќни и секој ден нека биде Ваш Ден. – стои во честитката од градоначалникот Ногачески
Mar 4, 2019
Ветивме дека ќе го подигнеме квалитетот на комуналните услуги на едно пристојно ниво, соодветно на потребите на граѓаните на општина Дебрца.
Една од мерките за постигнување на таа цел е набавка на нова механизација за Јавното комунално претпријатие.
Денес конечно е реализирана набавката и од страна на избраните добавувачи е испорачана механизацијата и тоа:
– универзален ровокопач натоварувач ЈЦБ, опремен со нож за чистење на снег и мини ровокопач на гумена гусеница ЈЦБ, во вкупна вредност од 5.892.191 денари;
-трактор со приклучна механизација-приколка, мулчер и нож за чистење на снег, во вредност од 2.441.550 денари и
-теренско возило Лада Нива, во вредност од 714.347 денари.
Вкупната вредност на механизацијата изнесува 9.048.088 денари или 147.000 евра, а средствата се обезбедени од ЕУ ИПА грант ( 111.000 евра ), грантот за успешност ( 10.000 евра ) и буџетот на општина Дебрца ( 26.000 евра ).
Во оваа прилика, изразувам благодарност до Делегацијата на ЕУ во Македонија за обезбедениот грант, Министерството за финансии кое го спроведуваше проектот / МСИП проектот за подобрување на општинските услуги и советниците во советот на општина Дебрца, кои едногласно го поддржаа овој проект.
На Јавното комунално претпријатие му посакувам успешно користење на механизацијата и грижа за истата како добри и совесни домаќини.
Граѓаните на Дебрца сакам да ги уверам дека дека ова не е крајот на нашите заложби да обезбедиме квалитетни комунални услуги.
Напротив, во подготовка или во тек се и други проекти за кои набргу ќе информираме.
И да им посакам со здравје и леснотија да си ја користат новата механизација. – изјави градоначалникот Зоран Ногачески по извршувањето на техничкиот прием на механизацијата.
