Select Page
Во тек е  изградбата на Парк  во село Требеништа, со детско игралиште

Во тек е изградбата на Парк во село Требеништа, со детско игралиште

Изградбата на Парк во село Требеништа, со детско игралиште во склоп  на спортскиот полигон кој ќе биде во функција за забава на најмладите жители и родители на Требеништа, како и околните села кои гравитираат во тој дел е во тек и се одвива според утврдената динамика за спроведување на проектот.

Во моментов на терен се изведени поголем дел од градежните активности кои се предвидуваат со проектот и во наредниод период ни преостанува целосно завршување на истите  како и  поставување на осветлување,  поставување на детски реквизити  играчки: вртелешка, играчка на федер, двојна клацкалка, двојна нишалка, единечна клацкалка, голем тобоган, единечна кула, спирален тобоган, мултифункционална куќичка  како и поставување на урбана опрема клупи и корпи за отпадоци, хотикултурно уредување, со што би се добил современ изглед на целокупниот спортски простор како и би се подобрила можноста за социjално дружење на децата и родителите.

Средствата за изградба се обезбедени од страна на проектот за ,,Зајакнување на општинските совети”- Фаза 2 кој е финасиран од страна на Програма за развој на Обединетите нации (УНДП)

Со вкупна сума од 2.605,212 мкд од кои  1.953.909,00 мкд  средства одобрени од страна на УНДП и 651.303,00 мкд обезбедни од буџет на општина Дебрца .

Градоначалникот Ногачески упати честитка по повод 11 Октомври

Градоначалникот Ногачески упати честитка по повод 11 Октомври

Почитувани граѓани,

11 Октомври е ден од македонската историја, кој не само што е симбол на македонската борба за слобода, туку е и ден кога е поставен еден од темелите на македонската државност.

На овој ден им оддаваме почит на сите учесници во вооруженото антифашистичко и народноослободително востание. Востание кое мора да стои на пиедесталот на македонскиот народ во креирањето на вистинската приказна за македонската република.

Во најубавата приказна за слободна Македонија посебно е вградена и нашата Дебрца,

Во Дебрца, на Славеј Планина е формирана првата регуларна воена единица на НОВ и ПОМ, баталјонот “Мирче Ацев”, во Сливово е формирана Првата македонска-косовска ударна бригада, во Црвена Вода е објавен Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, Дебрца беше првата слободна територија во НОБ.

Наша должност останува да го чуваме она за кое се дадени многу животи.

Нашата историја не мотивира да чекориме напред, да веруваме во себе.

Нека ни е честит празникот, нека ни е вечна Македонија !

Oдбележан јубилејот 80 години од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ и патронен празник на општина Дебрца

Oдбележан јубилејот 80 години од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ и патронен празник на општина Дебрца

Денес во Црвена Вода и Белчишта,се одбележа  јубилејот 80 години од издавањето на Манифестот на ГШ на НОВ и ПОМ, до македонскиот народ, на 03 Октомври 1943 година, Ден кој е патронен празник на општина Дебрца.

Во село Црвена Вода се посети  Спомен собата на ГШ НОВ и ПОМ и се одржа историски час, а во село Белчишта се промовираше обновената Спомен соба од НОБ.

Градоначалникот Зоран Ногачески во своето обраќање пред присутните посебно го истакна следното:

Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и во него е претставена платформата на македонската државност , односно Асномска Македонија.

Во Дебрца се испишани најсветлите страници од македонската историја. И во времето на Светиклиментовата Кутмичевица и во илинденскиот период и во текот на НОБ. Тука се исковани најголемите придобивки од НОБ.

Затоа, имаме обврска, но и аманет од нашите претци да се однесуваме одговорно кон нашата историја и нејзините придобивки.

Нашата визија е да го унапредиме овој крај, да ја вратиме душата на Дебрца, да го сочуваме нејзиното богато природно, културно и историско наследство. Наследство кое не е само наше, на општина Дебрца и Македонија, туку е и светско наследство.

Затоа и во наредниот период упорно и посветено ќе работиме да се сочува интегритетот на Дебрца, нејзината епска димензија и еколошка иднина.

Опремена Спомен собата на НОБ со значајни моменти од првата Слободна територија на НОБ, Дебрца

Опремена Спомен собата на НОБ со значајни моменти од првата Слободна територија на НОБ, Дебрца

Во рамки на првата фаза од реконструкцијата на општинската зграда во село Белчишта се изврши санација и на Спомен собата од НОБ, која е во склоп на општинската зграда.

Деновиве активистите на Здружението на ветераните од одбраната и безбедноста извршија преуредување на Спомен собата и нејзино опремување со фото и друга документација и содржини, со што Собата доби нов лик.

Општина Дебрца, заедно со боречката организација, ветераните од одбраната и безбедноста и месните заедници продолжува да ги негува придобивките од НОБ, кои во најголем дел се исковани токму во Дебрца.

А најголемата придобивка е денешната наша држава, Асномска Македонија.

 

24-та седница на Советот на општината Дебрца

24-та седница на Советот на општината Дебрца

Врз основа на член 39 став 2 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ”, број 5/2002) и член 22, став 2 од Статутот на општината Дебрца (“Службен гласник на општината Дебрца”, број 3/2005), донесувам:   

Р  Е  Ш  Е  Н  И  Е

за свикување на 24-та седница на Советот на општината Дебрца

  

Ја свикувам 24та седница на Советот на општината Дебрца.

Седницата ќе се одржи на ден  27.09.2023 година (среда) , со почеток во 13.00 часот, салата за седници на Советот на општината Дебрца.

За седницата се предлага следниот:

 

Д Н Е В Е Н     Р Е Д

 

  1. Усвојување на записник од 23-та седница на Советот на општина Дебрца
  2. Предлог – Одлука за измени и дополнувања на Буџет на ЕЛС Дебрца за 2023 година
  3. Предлог – Одлука за усвојување на Годишен план за вработување
  4. Предлог – Одлука за усвојување на Годишен план за вработување на ЈПКД „Дебрца“
  5. Предлог – Одлука за спроведување на постапка за јавно наддавање за издавање под закуп на деловен простор во зградата во с.Горенци

 

Советнички прашања

 

 

СОВЕТ НА ОПШТИНА ДЕБРЦА

                                                                                                    Претседател,

                                                                                                  Илчо Алексоски