Select Page
Ново Село

Ново Село

Ново Село

Ново Село e  село во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во околината на градот Охрид.

Селото Ново Село се наоѓа во областа Дебарца. Најблиски соседни села на селото Ново село се. Црвена Вода и Песочани од север и северозапад, Белчишта од исток и Ботун од Југ.

Во 19 век, Ново Село се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство.

Селото е настанато средината на 19ти век, кога се доселиле неколку македонски родови од околните дебрчки села,Марковци, Сиљановци, Камберовци и Прензовци, Селото се зголемило поготово помеѓу двете светски војни.

Според податоците од 1900 година, во селото Ново Село имало 18 жители, сите Македонци христијани. По податоците  во 1905 година во Ново Село имало 68 жители.

Ново Село е македонско село.

Родови во селото се: Марковци , доселени се во 1850 година од селото Белчишта; Камберовци, доселени се од селото Лактиње во 1850 година,  Прензовци, доселени се во 1850 година од селото Сливово, во Сливово биле староседелци, припаѓале на истоимениот род, а имаат истоимени роднини и во Велмеј; Сиљановци, доселени се кога и претходните три рода од селото Врбјани, таму биле староседелци, и припаѓале на родот Ќемаловци.

Родови доселени помеѓу двете светски војни се: Сиљановци , доселени се од селото Локов, Малесија; Таневци, доселени се од селото Ботун; Стојковци и Пупановци , доселени се од селото Белчишта; Треневци , доселени се од селото Годивје, таму припаѓале на родот Ѓаковци; Јанкуловци , Јановци , Новковци  и Методија , доселени се од селото Црвена Вода; Деспотовци , доселени се од селото Лешани; Алексовци , доселени се од селото Арбиново; Божиновци , доселени се од селото Куратица.

Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта. Во периодот од 1996-2004 година, селото претставувало седиште на некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.

Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Белчишта, во која покрај селото Ново Село, се наоѓале и селата Белчишта, Ботун, Брежани, Велмеј, Горно Средоречие, Грко Поле, Долно Средоречие, Злести, Лешани, Песочани и Црвена Вода. Во периодот 1950-1952 година, селото Ново Село се наоѓало во некогашната Општина Ново Село, во која влегувале селата Ботун, Ново Село, Песочани и Црвена Вода.

Во Ново Село постои една црква, а тоа е:

  • Црква „Св. Богородица“— главна селска црква, изградена на темели на постара црква во XX век

Од Ново Село како и од другите села во Дебарца населението многу се иселувало, поготово јаки биле иселувањата од крајот на 1950-тите години и до ден денес не се престанати. Најмногу од населението е иселено во Охрид, а има иселеници и во Скопје, Струга, Германија и прекуокеанските земји.

 

МРАМОРЕЦ

МРАМОРЕЦ

Мраморец се наоѓа во областа Горна Дебрца, сместено на падините на Илинска планина на надморска височина од 1030 метри. Мраморец граничи со охридските села Сливово, Турје, Арбиново и Слатино, како и со кичевското село Белица. Селото е сместено во клисурата на малата река Турјанка. До него води асфалтен пат и е оддалечено 9 километри од магистралниот пат Охрид-Скопје, 36 километри јужно од Кичево и 44 километри северно од Охрид. Атарот на селото зафаќа простор од 18,6 квадратни километри, а во него преовладуваат шумите (1.045 хектари), обработливото земјиште зафаќа 589 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 50 хектари.

Селото влегува во рамките на Општина Дебарца, која се создала во 2004, по спојувањето на поранешните општини Белчишта и Мешеишта. Во периодот 1996-2004 селото влегувало во рамките на Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 од 1996, селото било во рамките на големата Општина Охрид.

Во периодот од 1952-1955 селото влегувало во рамките на Општина Сливово. Во Општина Сливово, покрај селото Мраморец, влегувале и селата Врбјани, Годивје, Лактиње, Арбиново, Сливово и Турје. Во периодот 1950-1952 селото се наоѓало во рамките на Општина Сливово, во која покрај село Мраморец припаѓале и селата Арбиново, Сливово и Турје.

До територијалната поделба од 2004 год., Мраморец припаѓало на општината Охрид, а оттогаш е дел од општината Дебарца. Инаку, една улица во скопската населба Влае 2 (дел од општината Карпош) го носи името „Мраморец“.

Мраморец своето име го добило по местото Мрамор.

Мраморец е старо село, со богато историско наследство: така, во неговата близина се наоѓаат остатоци од доцноантичка населба (во месноста Граишта/Кутлиње), доцноантичка топилница (во месноста Рупи), како и средновековна некропола (во месноста Мрамор).

Селото за првпат се споменува во турскиот попис на населението во Охридскиот Санџак од 1582 год., и тоа под името Мраморче. Во тоа време, селото имало 11 христијански семејства и 3 самци, т.е. вкупно 58 жители. Постојат повеќе (непотврдени) верзии за настанувањето на селото: според една, него го создале избегани жители од месноста Закамен, според друга, тоа настанало од избеганите жители на селото Белче (кое се наоѓало на оддалеченост од неколку километри), а според трета, создадено е од доселеници од прилепско. Веќе во XIX. век, Мраморец било прилично големо и развиено село. Така, според француски извори, во 1873 год., селото имало 50 домаќинства, со 135 машки жители. Австрискиот конзул Крал во 1898 год., во статистичкиот преглед испратен до Виена, наведува дека селото имало 444 жители. Во 1900 год., во Мраморец живееле 500 жители, а слични се и податоците од 1905год., според кои селото броело 536 жители.

Имајќи предвид дека Мраморец е типично планинско село, во минатото неговите жители се занимавале претежно со сточарство, одгледувајќи ситен добиток (овци и кози). Така, според некои кажувања, во златните години на селото (пред Втората светска војна), во него имало неколку илјади грла ситен добиток. Исто така, на планинските падини, селаните саделе житни култури (овес, ‘рж, леќа итн.), како и грашести растенија. За своите потреби, селаните произведувале млечни производи, волна, коноп итн. Благодарение на многуте извори и потоци, селото имало дваесет воденици.

Дури до средината на 1960-тите години, селаните живееле во автархични, натурални стопанства, задоволувајќи ги речиси сите свои потреби од сопствено производство. Најчесто, селаните оделе на пазар во Кичево, а поретко во Охрид и Струга. Помеѓу двете светски војни, голем дел од жителите оделе на печалба во Белград, во Софија, во Аргентина и во САД.

Наспроти сиромаштијата и големата заостанатост, Мраморец се одликува со тоа што е второто село во Дебарца (по Песочан) што добило струја. Имено, уште во 1956/7 год., селото имало мини-хидроцентрала, раководена од рускиот инженер Ервин Петрович, која со помош на една малечка турбина произведувала доволно струја за осветлување на домовите. Истата година, во селото била изградена и пилана, во која што биле вработени 20-25 селани, кои произведувале коцки за поплочување, паркет, бочви, штички за гајби итн. Пиланата работела до 1966година.

Во 1900 година, во Мраморец живееле 500 жители, сите Македонци, а во 1905 година во Мраморец имало 536 Македонци, егзархисти.

Мраморец е чисто македонско село и во минатото имало околу 120 куќи, а во 1951 година, селото имало 675 жители. Но, во средината на 1960-тите и почетокот на 1970-тите, жителите почнале масовно да се иселуваат во Скопје ,во Охрид, во Битола, во Струга и во Кичево. Пресудна улога во иселувањето на жителите имало укинувањето на железничката пруга. Така, денес, селото е речиси празно, со само неколку постојани жители:според пописот на населението од 2002 год., селото имало 91 живеалиште, и само 6 домаќинства со 8 жители.

Мраморец е чисто православно село. Денешното село е основано пред 220 години, од доселеници од разни краишта, како: Туин, Железник, Закамен и други места. Има и сосема иселени родови, за кои не може да се утврди дали се доселени или староседелци (од старото село Белче).

Родови во Мраморец се:

  • Милошевци и Пејчиновци , кои потекнуваат од заеднички предок, а основачот на родот е доселен од селото Туин, Кичевско. Во Милошевци ја знаат следната генеологија: Вељан (жив на 62 год. во 1980 година) Деспот-Стојан-Симун-Деспот-Милош кој се доселил во селото;
  • Миајлевци, а основач на родот бил свештеник; овој род потекнува од истото место како Милошевци и Пејчиновци (селото Туин);
  • Тутунаровци, доселени се од некое село во Демирхисарско (Железник); на овој род му припаѓал Марко Тутунар, кој бил кмет на селото и поради тоа ја имал најубавата земја; овој род е многу смален поради иселувањето;
  • Матевци и Пејовци  имаат заедничко место на старина, а тоа е опустошениот град Закамен во Струшка Малесија;
  • Младеновци потекнуваат од предок со потекло од некое село во околината на Параќин; според некои основачот на родот е доселен како заробеник по задушувањето на востанието во Србија, во 1813 година, а според некои, Младен залутал во селото како сточар и потоа Мраморчани го примиле кај нив, му дале земја и го ожениле за некоја од локалните девојки. Се знае следната генеологија: Китан (жив на 77 год. во 2018 година) Паун-Никола-Ристе-?-Младен кој дошол од Параќин.

Според истражувања од 1948 година, родови во Мраморец се:

  • Староседелци:
  • Перовци или Поповци – порано живееле во селото Белче; куќите им се во Горно Маало, а ги слават Св. Атанасији Митровден;
  • Милошевци – порано живееле во селото Белче; куќите им се во Горно Маало и го слават Митровден;
  • Николовци – порано живееле во селото Белче; куќите им се во Долно Маало, слават Св. Никола;
  • Јанчевци – порано живееле во селото Белче; куќите им се во Долно Маало, слават Св. Никола;
  • Коломановци – порано живееле во селото Белче; куќите им се во Долно Маало, го слават Св. Никола;
  • Настовци – куќите им се во Долно Маало, а го слават Св. Никола;
  • Пејчиновци – од селото Белче; Пејчин се иселил во кичевското село Туин, но по 70 години, неговите потомци се вратиле во Мраморец; куќите им се во Горно Маало, а го слават Митровден;
  • Нејковци – од селото Белче; Нејко заедно со Пејчин се иселил во Туин, но потоа и тие се вратиле во Мраморец; куќите им се во Долно Маало, а го слават Св. Никола.
  • Доселеници:
  • Севдовци – доселени се во 1846 година од селото Лешани; во Мраморец дошол дедото на Ристе (жив на 72 години во 1948 година,) заедно со неговиот брат Наум; Во Лешани се доселиле од Белица, Копачка, а во Белица се доселени од околината на Параќин; денес се познати под името Младеновци;
  • Матевци и Пејовци – доселени се од раселениот град Закамен, Малесија за кој не се знае точно каде се наоѓа, т.е. „дали одавде, али оданде Дрим“;
  • Недевци – доселени се во 1878 година, од раселеното село Тројани.

Во селото постои изборно место бр. 1330 според Државната изборна комисија, кое е сместено во с.Мраморец с.Мраморец.

На референдумот во 2018 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 2 гласачи.

Во Мраморец, уште во 1905 год., постоело бугарско егзархиско основно училиште, во кое учеле 36 ученици. Исто така, меѓу двете светски војни, во селото имало мало училиште, во кое учениците учеле до четврто одделение. По Втората светска војна, во 1948/9 год. е изградено ново училиште, кое работело до почетокот на 1978 год. Денес, во близина на селото, на надморска височина од 1 145 метри, има РТВ предавател.

За време на прославата на празникот Илинден, на 2 август 2008 год., во селото се одржа поетската манифестација Родословни извори, со учество на неколку познати македонски поети. Во рамките на поетското читање беше доделено признанието Почесна водарка.

Во источниот дел на Мраморец се наоѓа селската црква Св. Никола, која се градела од 1846 до 1886 год., а целосно е завршена во 1909 год. Црквата е со големи димензии, изградена е од кршен и делкан камен, со седумстрана апсида на исток (целата од бигор), со слепи аркади на местото каде што се наоѓала една мала постара црквичка чија старост не е утврдена. До летото 2011 година, црквата се одликувала со сиромашен фрескопис и иконопис, но тогаш, таа била целосно насликана со фрескиВо црквичката може да се забележат неколку стари, но потполно уништени, икони.

На неколку километри пред селото, во месноста Белче, постои мала црквичка (изградена во 1982 год.), која исто така се вика Св. Никола, подигната на темелите на црква од првата половина на XVII век. Веднаш до црквичката се наоѓаат остатоци од стари надгробни споменици.

Во непосредна близина на селската црква се наоѓа едноставен споменик на 13 жители кои загинале за време на Втората светска војна. Во однос на природните карактеристики, селото се наоѓа опкружено со планини и непрегледна дабова и букова шума (во повисоките предели), со безброј благи планински ливади и многу извори и поточиња. Попознати локалитети во околината на селото се: Рамништа, Рамнигос, Мрамор, Присој, Острец, Нишалка, Граишта, Утогла, Белче, Опаленик, Волчоречиште, Црвени Клајнци, Темни Дол, Кутлиње, Селиште, Јаор, Плевење, Сама Бука, Старцине, Скакало, Лештишта, Јачмишта, Гина Падина, Друмон итн.

Традиционална селска слава во Мраморец е празникот Св. Никола летен, кој се празнува на 2 јуни, на денот на Св. Маченик Талалеј. Исто така, во селото се славеле и големите христијански празници – Св. Никола и Водици. Најпосле, секоја година, селото го слави и националниот празник Илинден.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948 година:

  • од Перовци или Поповци има иселеници во Софија, Бугарија, во Демир Хисар, во битолското село Логоварди и во прилепското село Славеј ;
  • од Милошевци има иселеници во Козица, Копачка и во Скопје;
  • од Николовци има иселеници Големо Црскоили во Мало Црско;
  • од Јанчевци има иселеници има во Софија , во Струга и во Криволак, Тиквеш;
  • од Настовци има иселеници во Битола;
  • од Пејчиновци има иселеници во Софија, во Видин, Бугарија, во САД, во Кичево, во Демир Хисар  и во Логоварди;
  • од Матевци има иселеници во Разград, Бугарија и во Битола;
  • од Пејовци има иселеници во Аргентина;
  • од Недевци има иселеници во Софија и во Битола.

 

Мешеишта

Мешеишта

Мешеишта — село во Општина Дебарцa. Селото се наоѓа на петнаесетина километри оддалеченост од Охрид и Струга.

Атарот на селото Мешеишта е лоциран во просторот на Охридско-Струшката котлина. Селото претставува административен дел на Општината Дебарца (според новата територијална поделба), иако тоа не припаѓа на географската област Дебарца. Се простира во подножјето на огранците на Плакенска Планина, која заедно со огранците на планината Караорман го одделува од областа Дебарца. Вкупната површина на селото изнесува 2.437,1 ха. Селото се наоѓа на надморска височина од 752 м. и во негова непосредна близина се наоѓаат висовите Орлово Гнездо (1126 м.), Стојанец (1130 м.) и Корита (1271 м.). Рамничарскиот дел на атарот му припаѓа на просторот Велјо Поле. Гранично административни простори на мешеишкиот атар се атарите на селата Волино, Требеништа и Ливоишта од јужната страна, Сирула од источната страна, Злести и Ботун од северната страна, и Климештани, Корошишта и Ливада од западната страна.

Котлинскиот простор на Мешеишта е ограден со планински страни и висови. Самата надморска височина (752 м.) покажува дека се наоѓа во планински простор кој претставува јужна огранка на Шарскиот планински систем. Тоа значи дека се работи за младо копно. Настанокот се врзува за олиго-миоценски движења познати како Алпскаорогенеза, а му припаѓаат на јужното Алпско орогено стебло. Оклоните планини се издигнати од синклиналната Тетис. Така издигнатите простори подлегнале на процесот на раседување. Долж таквите раседи се спушта и Охридската котлина во која е лоциран атарот на селото Мешеишта. Раседните линии во котлината се простираат по источната страна од Љубаништа кон Косел, по западната страна е Струшко-Старовскиот расед и низ централниот дел е Копарничко-Наумовскиот расед. Во непосредна близина на источната раседна линија, која се простира медитерански, се наоѓа оваа населба, со што зазема положба на изразена сеизмичност. Тоа не е одделно од сеизмичноста на Охридската котлина која што е и денес активна, но микролокацијата на Мешеишта зборува за нужност од водење сметка за овој геотектонски елемент.

По спуштањето, басенот влегол во езерска фаза во која постоеле два залива на неогеното езеро. Наслагите на езерските седименти во овие заливи се од плиоценска старост, а постојат и плеистоценски седименти. Просторот на Мешеишта бил дел на езерскиот залив, односно езерото го покривало овој простор во плиоцен и плеистоцен. По исполнувањето со вода настанал стадиум на интензивна ерозија на брановите. Абразивните подови и тераси, се забележани на различни висoчини од 720 до 1080 м. кб., што зборува дека овој простор бил под влијание на овие егзотени процеси.

Од флувно-денудационите појави треба да се истакнат планините. Тие настанале со таложење на наносниот материјал од преминот на планина во котлина. Вакви појави се присутни на четири места во непосредна близина на Мешеишта. Скорешната ерозија, во облик на урвини и буици, во голема мера е санирана 1900-тите години, преку пошумување на голите планински простори со црн бор, така што тие не се појави од континуелен карактер на овој простор.

Во минатото, Мешеишта претставувало административен дел од општините Охрид и Струга, додека со територијалната поделба од 1996 год., селото стана седиште на новоформираната општина Мешеишта. Подоцна, во 2004 год. општината Мешеишта е укината, т.е. присоединета кон општината Дебарца.

Мешеишта се одликува со богата историја. Најстариот археолошки локалитет во околината на селото е месноста Св. Илија, каде што се пронајдени остатоци од постарото железно време. На ова место се наоѓа мала, еднокорабна манастирска црква, која е посветена на св. пророк Илија

Според некои сознанија, старото име на Мешеишта било Дабово. Иако не постојат посебни истражувања за потеклото на денешното име на селото, најверојатно тоа е изведено од турскиот збор за даб – „меше“, што оди во прилог на претпоставката за старото име. Инаку, името на селото за прв пат се сретнува во турскиот попис на Охридската каза од 1582 год., и тоа како Мешевиште.

Уште во дамнешни времиња, Мешеишта имало големо стопанско значење за охридскиот крај. Така, во турските документи е запишано дека уште во 1491 год., во селото имало 6 воденици во посед на вакуфите. Исто така, во турскиот попис од 1582 год. е забележано дека селото било најголем производител на ‘рж во Охридската каза, со род од 1000 товари (150 тони). Исто така, во селото имало 312 свињи, со што тоа било на второ место во Охридската каза.

Денес, најзастапени стопански гранки во Мешеишта се: земјоделството (пченица, грав, пченка, пиперки, домати итн.), лозарството и овоштарството(јаболка, круши, сливи итн.). Во селото работи приватното претпријатие Мелница и пекарница „Илинче“, кое е основано во 1990 год. и денес покрива околу 40% од пазарот во охридско-струшкиот регион.

Според податоците од турскиот попис на Охридската каза од 1582 год., Мешеишта имало 56 христијански семејства, 3 самци, т.е. 283 христијански жители и 12 муслимански семејства и 1 самец, т.е 61 муслиман, односно вкупно 344 жители. Со тоа, Мешеишта било едно од поголемите села т.е. тоа било седмо по големина во целата Охридска нахија (која ги вклучувала и струшките села). Подоцна, во извештајот што австрискиот вице-конзул Крал го испратил во Виена во 1898 год. се вели дека Мешеишта имало 914 жители, сите Македонци, со што тоа било второ по големина село во охридско.

Според некои податоци во 1900 година, во Мешеишта имало 900 жители, сите Македонци.

Во 1905 г.во Мешеишта имало 1040 жители, а во 1961 г. Имало 1675 жители.Според последниот попис во 2002 г во селото Мешеишта има 779 жители.

 

Времето кога е основано денешното село нема точни податоци. Во селото најпрво живееле и Македонци-муслимани кои се иселиле од селото околу 1840 година, па во селото останале само Македонците христијани.

Македонски родови во селото се: ЦељаковциКрцовци и Тупанчевци  потекнуваат од тројца браќа Цељко, Крцко и Тупан кои се доселиле од селото Папрадник (денес Голем и Мал Папрадник) кај Дебар,Калановци – доселени се од некое село Каланово во околината на Елбасан, во Албанија; Аврамовци – доселени се од селото Љубаништа; Николовци – за нив се вели „слегле од планина“ источно од Мешеишта, таму живееле во сега раселеното село Брезница; Ѓурчепци  и Алексиевци  они се деленици од родот Николовци; Јончевци – доселени се од сега пустото село Копрница кое се наоѓало на планинскиот дел од атарот на Мешеишта.

Родови од непознато потекло се: Ѓушиновци ; ЃулуковциКарамешковциСтрезовциЈончевци ; БујаровциРадичовциГашовциКрстевци ; ТутуревциНечковциВичоровциПолкаповциШулевциПискуловци и Поповци – потекнуваат од домазет.

Зачетоците на образованието во Мешеишта датираат во 1889-1890 год., кога е отворено егзархиско училиште и, оттогаш, во селото постојано се изведувала настава. Подоцна, во периодот 1912-1915 год., во селото работело српско школо со две паралелки и двајца учитела. Наставата на мајчин јазик започнала да се изведува по Втората светска војна, при што прв учител бил Михаило Пљакоски од Охрид.

Денес, во Мешеишта работи подрачното училиште во состав на ОУ Дебрца од с. Белчишта. Во подрачното училиште во Мешеишта се изведува настава од I-IX одделение. Дворот е асфалтиран, и има одбележани спортски терени, така што учениците имаат можност за реализирање на часовите по физичко и здравствено образование.

Во центарот на селото има споменик на паднатите борци од Илинденската епоха и од Народно-ослободителната војна. Во Мешеишта се наоѓа големата црква Св. Петар и Павле, чии царски двери датираат од XVII век, а се изработени од непознат зограф, кој веројатно е автор и на иконата на архангел Михаил. Во близина на селото се наоѓа малата, еднокорабна црква Св. Илија.

Цркви

  • Црква „Св. Петар и Павле“- главна соборна и парохиска црква;
  • Црква „Св. Илија“- главна манастирска црква на Мешеишкиот манастир. Камен темелник удрен на 2 јули 2002 а осветена на 6 септември 2015 година;
  • Црква „Св. Никола“- камел осветена е во 1978 година;
  • Црква „Св. Петка“;
  • Црква „Св. Петка“ (крај патот);

Како селска слава на Мешеишта е големиот празник Петровден. Исто така, во црквичката Св. Илија се слави празникот Илинден, а во селото се слават и другите позначајни верски празници.

Во селото дејствува културно-уметничкото друштво Св. апостоли Петар и Павле. Исто така, почнувајќи од 1975 год., секоја година се одржува турнирот во мал фудбал „Петровден”- Мешеишта.

Печалбарството во Мешеишта започнало во втората половина на XIX век.

 

Лешани

Лешани

Селото Лешани се наоѓа во облста Дебрца.Околни села се Велмеј од североисток, Грко Поле, Горно и Долно Средоречие од север и северозапад, Злести од запад и Куратица од југ.

Во 19 век, селото се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебрца, во Отоманското Царство.

Според предание, името на селото потекнува од “Лешок”, еден од тројцата браќа кои на различни страни си ја побарале среќата, а Лешок се населил токму во селото Лешани.

Податоците од 1900 година кажуваата дека во селото имало 450 жители сите македонци христијани, а пак во 1905 година Лешани броело 480 жители.

Родови во селото Лешани се:

  • Расолковци, Мутавџиовци, Џункаровци, и Шумкаровци.

Старосетелски родови :

  • Грбаковци доселени се од Радомирово кај Песочан.
  • Пупановци нема податоци од каде се доселени.

Истражувањата во 1948 година кажуваата дека родови во селото во тоа време биле:

  • Трајковци, Јолевци и Мучовци, Опеновци и Гроздановци, Џуничаровци, Јанкуловци, Милошевци, Влаовци, Богдановци, Мотишовци, Кутановци, Поповци, Пупановци, Газиновци, Мандовци, Култовци, Суловци, Блажевци, Банаровци, Брловци, Шокаровци, Шумкаровци, Евендијовци.

Доселени родови биле:

  • Нечковци- доселени од селото Белчишта,
  • Сиљановци и Џепинковци-доселени од селото Џепин Струшко,
  • Сошанковци-доселени од Сошани,
  • Опеловци- доселени од Долно Средоречие,
  • Јосифовци-доселени се од мијачкото село Лазарополе,
  • Стојановци-доселени од селото Локов, Малесија,
  • Џаферовци-исто така доселени од селото Локов.

Во минатото, освен со земјоделство, голем дел од населението работело во фабричкиот погон на ЕМО за метални конструкции. Поради поволните услови, планинската вода и рамното поле, жителите се занимавеле со одгледување на компир, грав и пченка.

Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебрца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта. Во селото има основно училиште “Дебрца” до lX одделение, подрачно училиште на ОУ “Дебрца”-Белчишта.

Исто така во селото има многу културни знаменитости: цркви и еден манастир.

  • Црква “Сите Светци”- таа е главна манастирска црква, изградена во 1450 година.
  • Црква “Покров. на Пресвета Богородица”- нова манастирска црква.
  • Црква “Св. Никола”изградена од 1909 до 1919 година, а осветена во 1920 година.
  • Црква “Св. Петар”- таа е понова црква и сеуште не е осветена.
  • Црква “Св. Атанасиј”- понова црква, и е сеуште неосветена.
  • Црква”Успение на Пресвета Богородица”-возобновена е во 1979 година.

и Лешанскиот манастир.

Како и од  другите села така и од селото Лешани има могу население кое е иселено. Од фамилијата Јолевци иселеници има во САД, од Јанковци има во Волино, од Милошевци иселеници има во Америка, Поповци и Мандовци исто така се иселени во Америка, од Култовци иселеници има во Охрид и Белград,од Суловци има во Ливоишта и од Банаровци иселеници има во Америка. Родовите Поповци и Кочовци се иселени во Бабино, Железник.

 

 

Лактиње

Лактиње

Лактиње — село во Општина Дебарца, во областа Дебарца, во близина на патот Кичево – Охрид. Лактиње е село во Западна Македонија, на источната страна на планината Караорман, сместено во областа Дебарца. Оддалечено е 30 километри јужно од Кичево и 35 километри северно од Охрид и Струга.

Селото влегува во рамките на проширената Општина Дебарца, која настанала со спојување на поранешните општини Белчишта и Мешеишта по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Белчишта. Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Охрид. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Белчишта.

Во периодот 1952-1955, селото влегувало во рамките на тогашната Општина Сливово, во која покрај селото Лактиње, се наоѓале и селата Арбиново, Врбјани, Годивје, Мраморец, Сливово и Турје. Во периодот 1950-1952 година, селото Лактиње се наоѓало во некогашната Општина Годивје, во која влегувале селата Врбјани, Годивје и Лактиње.

Во народот се збори дека селото порано се викало Латини, по Латините кои живееле овде. Уствари името на селото би требало да дошло од старото Лактово.

Селото Лактиње е стара населба, тоа има свое историско минато и од најстари времиња е населено на истиот простор. Во атарот на селото се пронајдени остатоци од стари уништени населби, како на месноста Градиште, во повеќе усни преданија се изнесува дека на таа месност се наоѓал град под име Повеница, со повеќе негови делови, меѓу кои некои именувани како Сушица. Според некое друго предание селото Лактиње своето име го добило по доселувањето на родот Јоргановци, кои дошле од местото Латини во Лариса (денешна Грција), и по тоа селото го добило името, според преданието тоа било уште за време на Византија. Како најстари родови во селото се спомуваат, Вељановци, Топаловци, Јоргановци, Булиовци, Балабановци и др. Во 1583 година, по пописот во Охрискиот Санџак, во селото живееле 30 семејства и 4 неженети. Во периодот пред и по Илинденското востание во селото постоела лактинска чета. По арбиновската битка ова село било запалено, Турците го запалиле како одмазда за загубената битка со комитите, а убиени биле и обични цивили. По арбиновската битка за Дијарбекир биле амнестирани (ослободени)  жители на селото. Некои биле ослободени уште во битолскиот затвор, а некои добиле по 5 години робје, додека некои ги оставиле коските таму.

Во 19 век, Лактиње се наоѓало во Охридската каза, нахија Дебарца, во Отоманското Царство.

Почетокот на Првата балканска војна во Македонија и Лактиње бил дочекан со радост, бидејќи била создадена можност за за ослободување од петвековното турско ропство. Затоа сите од Лактиње и Македонија воопштво се впуштиле во борбата на страната на сојузничките сили. Но после балканските војни Македонија била поделена и Лактиње и целата Вардарса Македонија подпаднале под српска окупација. Во српската војска биле испраќани доста жители на Лактиње, кои немале никаква обука и биле испраќани во првите воени редови. Биле испраќани во западна Србија да се борат со Австро-Унгарија, или на Солунски Фронт.

Лактиње како и цела западна Македонија за време на НОБ биле под италијанско-албанска окупација. Па така народот масовно ги помагал партизаните. Во атарот на селото Лактиње на Славеј Планина се основале неколку партизански единици, меѓу кои и батаљонот Мирче Ацев.

Според податоци во 1900 година, во селото Лактиње имало 480 жители, сите Македонци христијани. Во 1905 година во Лактиње имало 560 жители.

Според пописот од 2002 година, во селото Лактиње живееле 82 жители, од кои 81 Македонец и 1 Србин.

Кон крајот на ХVIII век се случил пустош во селото, по кое останале само две сестри. Кога дошло време да се мажат тие донеле две момчиња од некаде и така поголемиот дел од населението на денешното село е настанато од две сестри и двајца домазетовци.

Родови кои потекнуваат од двете сестри и домазетовците се: Новевци, Булиовци, Камберовци, Спировци, Доневци, Садровци, Џамевци, Вељановци, Најдевци, Топаловци, Павлевци, Андреевци, Николовци, Ничевци, Максимовци, Станковци, Цељковци и Николовци.

Останати родови доселенички се: Балазовци – потекнуваат од предок кој дошол од селото Оздолени; Николовци или Голомеовци – се доселени од околината на Тетово; Србаковци -потекнуваат од предок Ром кој дошол некаде од Србија и Треневци и Богдановци потекнуваат од заеднички предок кој дошол од селото Брждани.

Според истражувањ во 1948 година, родови во селото Лактиње се:

Староседелци: Топаловци -живеат по целото село; Доневци -куќата им е на сред село; Вељановци – куќите им се во маалото Голема Река, слават Св. Никола. Некои од овој род се викаат Василевци, Гритовци и Војновци; Јоргановци – живеат по цело село, слават Св. Никола зимен и летен; Булијовци – живеат во свое посебно маало, слават Св. Никола летен; Богдановци – живеат до Булиовци, слават Св. Никола зимен; Пластевци – живеат на сред село.

Со непозната старина се: Дуковци или Самармковци – живеат во своето маало, кај Мала Река. Некои ги сметаат за староседелци. Дуко убил маж на некоја жена во Мраморец, па потоа се оженил

Доселеници: Србаковци = доселени се на почетокот од XIX век од некое место во Србија, од каде избегале поради крв, живеат кај Топаловци; Николовци – доселени се кога и Србаковци, доселени се од Тетово, од Тетово избегале поради крв, живеат по целото село, слават Св. Никола летен; Шајовци- доселени се во 30тите на XIX век од Маврово, живеат на сред село; Мартиновци — доселени се од селото Ореше, Азот во 1848 година, живеат кај Вељановци; Балазовци доселени се 1850 година од селото Оздолени, живеат во својот дел во Мала Река, слават Петровден, од овој род потекнувал Смил Војданов; Анѓелевци -доселени се околу 1878 година од селото Брждани, Копачка, живеат до Балазовци, слават Св. Никола зимен.

Главна селска црква е “Св.Илија” која е изградена во XIX век.

Малобројноста на населението во селото се должи како резултат на масовното иселување пред сè во Австралија.

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до 1948: Од Топаловци иселеници има во Славеј, прилепско, Глогоњ, Војводина  и во Аргентина; од Доневци иселеници има во Славеј, прилепско; од Вељановци иселеници има во Годивје, Арбиново, Ботун, Славеј, прилепско и во Аргентина; од Јордановци иселеници има во Славеј, прилепско, и во Битола; од Богдановци иселеници има во Славеј, прилепско; од Дуковци иселеници има во Песочани, Славеј, прилепско, и во Аргентина; од Самармковци иселеници има во Долно Лакочереј, Славеј, прилепско и во Глогоњ, Војводина; од Србаковци иселеници има во Славеј, прилепско  и во Глогоњ, Војводина; од Николовци иселеници има во Оровник, Сланско, Порече, Бело Поле, прилепско, Славеј, прилепско и во Австрија; од Мартиновци иселеници има во Бугарија; од Балазовци иселеници има во Арбиново, Песочани , Десово, прилепско, Славеј, прилепско и во САД; од Анѓелевци иселеници има во Скопје.