Dec 10, 2018
Денес во работна посета на општина Дебрца беше Министерот за локална самоуправа Г-дин Сухејл Фазлиу со неговиот работен тим.
На средба со градоначалникот Ногачески разговараа за развојните можности и приоритети на општина Дебрца, тековните проекти, проблемите со кои се соочуваме и за идните предизвици, а во контекст на процесите на децентрализација и регионален развој.
Во село Волино Министерот, Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи и Раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска ја посетија реконструираната зграда на старото основно училиште.
Средствата за реконструкција , во висина од 2.464.926,00 денари, без ДДВ се обезбедени од Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година, финансирање на проекти за развој на планските региони.

Старата училишна зграда во село Волино е изградена во далечната 1939 година и до 2013 година е користена како основно училиште. Генерации и генерации на ученици од Волино во неа го стекнале своето образование.
Од 2013 година кога се изгради новото училиште објектот е вон функција. Со реконструкцијата објектот ќе се пренамени во Центар на локалната заедница.
Во изјавата за медиумите Ногачески потенцираше дека освен овој проект, преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година беа изготвени технички документации ( проекти за инфраструктура и основни проекти ) за три локални патни правци ( село Мешеишта-село Волино, Млин Илинче-Црква Св. Илија, Мешеишта, село Злести-врска со регионален пат ) и за два патни правци за регионално поврзување на општина Дебрца и општина Струга ( доизградба на патните правци село Волино-село Мороишта и село Требеништа-село Мислешево ).
Dec 10, 2018
Денес во работна посета, општина Дебрца ќе ја посети министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, кој ќе оствари работни средби со градоначалнкот Зоран Ногачески, при што ќе стане збор за развојните можности и приоритети на локална самоуправа во контекст на процесите на децентрализација и регионален развој. Учество во разговорите ќе земат и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, претседателот на Советот за развој на Југозападниот плански регион, Рамиз Мерко и раководителот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска.
Во рамките на посетата на Дебрца, министерот за локална самоуправа, Фазлиу и директорот на Бирото за регионален развој, Реџепи, ќе извршат увид на изведените работи на објектите и другата изведена инфраструктура во рамките на регионалните проекти имплементирани од страна на Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион, во партнерски однос со Општина Дебрца.
Во Волино, во рамките на проектот Изведба на енергетско-ефикасни објекти, целосно е реконструиран објектот на заедницата за потребите на локалното население.
За реконструкцијата во Волино, инвестирани се 2,5 милиони денари, средства што се обезбедени од Буџетот на РМ, преку Програмите за регионален развој. Центарот за развој на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион е единствен од мрежата на осумте вакви институции во државата кои успеа навремено да ги реализира предвидените активности во рамките на три регионални проекти чија вкупна вредност е околу 26 милиони денари. Покрај изведба на енергетско-ефикасни објекти и патна инфраструктура, дел на средства беа издвоени и за подготовка на техничка документација за потребите на 9-те општини што влегуваат во состав на ЈУГОЗАПАДНИОТ плански регион.
Dec 6, 2018
Почитувани граѓани,
Во информираме за отпочнувањето со работа на дисперзираната канцеларија на општина Дебрца во с. Мешеишта. Канцеларијата е лоцирана во склоп на поранешната заграда на општина Мешеишта, со работно време од 8:30 – 16:30 часот.
Отворањето на дисперзираната канцеларија има за цел да го олесни животот на граѓаните и нивниот пристап до информациите кои што им се потребни. Заштедата на средства неопходни за патување до седиштето на општината и заштедата на драгоцено време се само дел од придобивките што оваа канцеларија им ги носи на жителите од долниот дел на општина Дебрца.

Претходно, општинската зграда беше инфраструктурно уредена, за што од општинскиот буџет беа извоени 300.000,оо (тристаилјади денари).
Исто така со свои простории во општинската зграда во с.Мешеишта функционираат и дисперзирани канцеларии на Агенцијата за финансиска подршка и рурален развој во земјоделството како и Минстерството за труд и социјална политика.
Dec 3, 2018
Денес градоначалникот Ногачески беше гостин на Здружението на лицата со инвалидитет за општините Охрид и Дебрца “Мобилност” и Сојузот за спорт и рекреација на инвалидите Охрид, а по повод одбележувањето на 3 Декември-Светскиот ден на лицата со посебни потреби.
Во мо обраќање истакнав дека не само денес, туку секој ден треба да им го посветуваме на овие лица и да обезбедиме нивна целосна инклузија во општеството. Меѓу нив има личности со извонредни интелектуални, уметнички, креативни, спортски и други натпросечни способности и затоа на нив сосема заслужено им прилега името – лица со посебни способности.
Како општина и во изминатиот период и во иднина ќе преземаме повеќе мерки за подобрување на нивната општествена положба ( финансиска поддршка на програмските активности на нивните здруженија, олеснет пристап до јавните институции, поддршка за еднодневни излети и други активности на кои сме обврзани и со меѓународните документи и со националното законодавство).
Традиционално и оваа година Денот се одбележа со спортските игри, а мене ми припадна честа и особеното задоволство да ги поделам наградите на најдобрите учесници на игрите.